Движењето МАГА на Трамп почнува да се сели и во Европа?!

Со изборот на Карол Навроцски за претседател на Полска, Трамп и неговото движење ја остваруваат првата голема победа во Европа, во нивната офанзива и напори да ги извезат „МАГА вредностите“ на тлото на Стариот континент.

751

Во Полска, за разлика од изборите во Канада и Романија, кандидатот на Трамп тесно победи во вториот круг на полските претседателски избори, пишува Ивор Мицковски за Дојче веле.

Карол Навроцки, независен кандидат поддржан од суверенистичко-антилибералистичко ориентираната опозициска партија Право и правда (ПиС), беше примен во Овалната соба, а пред неколку дена, Кристи Ноем, американската министерка за внатрешни, отпатува до Полска со цел да го поддржи, на настан одржан на аеродоромот Јасионка, од каде тргнува најголем дел од воената помош за Украина.






Изборот на Навроцки може да сигнализира зацврстување на односите меѓу Полска и администрацијата на Доналд Трамп. Полска е долгогодишен сојузник на САД, а на нејзина територија се распоредени околу 10.000 американски војници. Сепак, Туск и неговите коалициски партнери во минатото беа критички настроени кон Трамп. Наспроти тоа, Навроцки дели сличен светоглед со поранешниот американски претседател и неговата идеологија „Да ја направиме Америка повторно голема“. Трамп го пречека Навроцки во Белата куќа пред еден месец, а неговата администрација јасно стави до знаење дека тој е нивниот фаворит.

Прва голема победа на Трамп во Европа

Со тоа Трамп и неговото движење ја остваруваат првата голема победа во Европа, во нивната офанзива и напори да ги извезат „МАГА вредностите“ на тлото на Стариот континент. „Вредности“ кои се крајно дубиозни и донекаде отворено посочени во идеолошкиот проект на МАГА движењето, односно, во „Проектот 2025“ каде стои дека целта е: „растурање на Европската Унија“. Тоа само го потврдува и фактот дека резултатите од изборите во Полска претставуваат удар за Европската Унија, која го поздрави враќањето на Туск во 2023 година како знак на обновен проевропски ангажман. Навроцки од друга страна поддржува борба против неолибералните идеологии и европските актуелни елити. Навроцски се противи на влезот на Украина во НАТО и нагласуваше дека безбедносните интереси на Полска се со Вашингтон. „Како претседател, ќе изградам полско-американски сојуз и нема да се согласам ЕУ да стане замена за НАТО“ – додаде Навроцки. Повторувајќи го наративот на Трамп и искористувајќи го растечкиот замор на гласачите, Навроцки тврдеше дека интересите на етничките Полјаци треба да имаат предност пред оние на украинските бегалци.

Се разбира, после победата на Навроцки, светскиот сојуз на ултраконзервативците ќе ги дуплира своите напори и амбиции да и наштети на Унијата, но факт е и дека нема биде прелесно во Европа да се увезат токму оние „вредности и принципи“ чија цел е уништувањето на Обединета Европа.

Во секој случај, хаотичното однесување на Трамп се почесто ќе го гледаме и во Европа. Дали станува за „најглупавата војна во историјата“, односно, трговската војна на Трамп или за вистинската војна во Украина за која ветуваше дека ќе ја прекине за еден ден, сведоци сме на тоа што Американците веќе го исмејуваат како „TACO trade“, скратеница од „Trump always chickens out“, каде се потенцира фактот дека ако сакаме да анализираме како Трамп би се однесувал после донесувањето на одредена одлука – тогаш можеме да бидеме сигурни дека ќе се уплаши и ќе ја повлече.

Така беше со Украина која еден ден ја отфрлаше и го исмејуваше Зеленски во заседата во Овалната соба, за ден потоа да претендира договор за ретките минерали. Еден ден Путин беше пријател на Трамп, за следниот ден да го нарече „луд“. Еден ден Канада требаше да стане 51-та држава на САД, за следниот ден да и наметне царини. И конечно, еден ден Елон Маск беше најбрилијантниот соработник на светот и фантастичен човек, за сега и тој да биде прогласен за луд.

Влез во Ерата на хаосот

Но, ова што гледаме не е продолжување на Ерата на несигурноста, како што се нарекуваа последните децении од бурниот и долг 20-ти век. Ова е отворен и јасен влез во Ерата на хаосот. А основата на целиот глобален хаос можеме да го детектираме токму во Америка. Земјата која пред 80 години го воспостави актуелниот светски поредок и која највеќе имаше корист од него, сега забрзано се обидува да го растури. Америка на Трамп се однесува како да е аутсајдер на глобалниот поредок, кога во реалноста, таа е нејзиниот архитект. Од прашањата на сојузништвата, трговските војни, уништувањето на демократијата и правната држава дома и надвор, нема поле на кое 6-пати банкротираниот бизнисмен, а денеска претседател на најмоќната држава на светот, не го аплицира и проширува својот хаос од владеење.

Дејствувањето на Трамп е хаотично, затоа што е постојано избрзано, неконстантно, и делува дека потекнува од неговите инстинкти и емотивни пулсации. Едноставно, се работи за човек кој е драматично непотготвен, неспремен и неспособен да ги зграпчи комплицираните и далекусежни проблематики и теми. Трамп постојано избрзува и е во трка со времето затоа што неговата најважна агедна е да ја наметнува или претркува агендата на медиумите. Од друга страна, ваквото хаотично брзање, најчесто навестува и крајно лична компонента. Трамп знае дека времето е кратко, но не толку за јавните политики, колку за личните интереси.

Втората константа од неговото владеење е односот кој гласачите. Трамп постојано се обраќа на работниците од челичарите, на оние од деиндустриализираните делови на Америка, на Американците (најчесто бели мажи) кои се чувствуваат како жртви на доселениците, на жените, на црната или хиспано популацијата, на прогресивните либерали, на woke културата. Трамп дури се верува дека ја донесе одлуката за забрана на странски студенти на Харвард, само за да им удоволи на ултраконзервативните семејства кои гајат сомнежи кон образованието и отвореноста на Америка кон светот. Со други зборови Трамп им се обраќа на сите можни варијанти на американскиот „forgotten men“, исфрустираните и заборавените Американци, кои се покажаа како клучни доколку сакате изборна победа во длабоко поделената и поларизирана Америка.

И како што неговите ветувања кон овие луѓе произведоа само хаос, така и неговите декрети и бомбастични најави досега не донесоа никакви решенија. Сигурно не во Газа, каде лудилото на Нетанјаху и неговата ултраортодоксна коалиција, врши секојдневни масакри врз локалната популација, ја огладнува и се обидува комплетно да ја елиминира или отсели. Уште помалку во Украина, каде љубовта со Путин му траеше помалку од 100 дена, и каде Трамп делува повлечено како да е жртва на љубовно разочарување, заробеник на мрежите и сплетките на Царот, слеп пред жртвите на војната и нејзиното уништување, предизвикано токму од Русија.

Америка на Трамп се ослабнува самата себеси

Хаосот ја казнува и американската економија. После години на раст од 3%, таа денес се успорува. Можноста за рецесија се движи помеѓу 30% и 50% шанса. Инфлацијата е далеку пожилава од онаа во Европа. Дури и улогата на доларот како светска резерва се повеќе се ослабнува. Само царините ќе донесат двојно поголема штета за Америка, од штетите за Европа. Како и да е, што преку судски пат, што преку невидливата рака на пазарот, царините на Трамп веќе се потопени и без никаква правна основа. На ист начин, комплетно е потопен секој негов обид за демонстрирање на сила и извлекување некаква корист од тоа. Царините се претворија во скриени даноци и ново задолжување, додека идејата за реиндустрализација на Америка оди во сосема обратен правец, затоа што со падот на „Inflation Reduction Act“ во Сенатот, за САД ќе биде многу потешко да привлекува странски и европски бизниси на свое тло.

На крајот се покажува една крајно негативна тенденција за Америка. Додека свесно се обидува да ја растури или ослабне Европската Унија, во суштина Америка на Трамп се ослабнува самата себеси. Америка која пак не верува во своите вредности, туку напротив почнува да ги промовира токму спротивните, го има изгубено својот пат. Таа никогаш не може да биде – голема, може евентуално да биде поосамена во светот. Се разбира, токму актуелната и допрва идната слабост, како ранет тигар, ќе ја направи Америка под Трамп или некој нему сличен, одличен агент на хаосот. Неспособна ништо на оправи, а толку многу создадено, да уништи.

Ваквиот хаос отвара политички пратерии за Европа, која само треба да ги отвори очите и да се помири со новата реалност, дека повеќе не може други да одлучуваат за неа, туку дека треба самата да понесе серија на важни и егзистенцијални одлуки. Само на тој начин, и големите, но и помалите европски земји или влади ќе сфатат дека и покрај можеби идеолошката блискост со Трамп и МАГА, таа блискост не оди во полза на нивните државни и политички интереси.

Поврзани содржини