Нова давачка – јаглероден данок
Воведувањето на данокот на СО2 ќе влијае неповолно и кај приватните компании што имаат емисии на СО2 од согорување на фосилни горива. Ако на нивните производи се додаде данокот на СО2, ќе треба да ги зголемат цените на нивните производи, а тоа ќе ја намали нивната конкурентност. Во краен случај можеби ќе дојде во прашање и нивниот опстанок.
Климатските промени сѐ повеќе се интензивираат предизвикувајќи огромни штети на целиот жив свет и на материјалните добра. И покрај сите повици и апели до сите држави, компании и граѓани за намалување на емисиите на стакленички гасови, денес се случува сосема спротивен ефект.
Редукција на емисиите на стакленички гасови на доброволна основа е сосема мала, т.е. неуспешна. Од таа причина последниве години почна да се воведува нов тип на данок на емисиите на стакленички гасови кај кои доминатна улога има јаглерод-диоксид (СО2). Затоа, оваа давачка се нарекува јаглероден данок (carbon tax), а кај нас го нарекуваат и јаглероден надоместок. Тоа е алатка која преку пазарни услови треба да ги намали емисиите на стакленички гасови. Јаглеродниот данок всушност е надоместок што се плаќа за секој тон емисии на гасот СО2.
Во повеќе земји во светот е воведен јаглероден данок или е во фаза на подготовка и воведување. Во Европската Унија (ЕУ) и во некои претежно развиени земји е воведен т.н. систем на тргување со емисии (Emissions Trading System = ETS). Во овој систем регулаторот (државата) дефинира горна граница на вкупните емисиите на стакленички гасови што можат да се емитуваат во јасно дефинирани сектори на економијата. А компаниите купуваат квоти на емисии (дозволи) од државата или од друг субјект што претходно купил и не ги искористил дозволите. Всушност, воспоставена е берза на дозволи за емисии.
Во Протоколот од Кјото донесен во 1997 година земјите се ставени во две групи: Анекс-1 (развиени земји) и не-Анекс-1 (земји во развој). РМ припаѓа во групата не-Анекс-1. Развиените земји имаат обврски да направат редукции на стакленичките гасови, а земјите во развој немаат такви обврски. Притоа, беа воведени механизми: ETS за развиените земји и Механизам за чист развој (CDM) за земјите во равој во кои земјите од Анекс-1 можат да финансираат преокти за редукција на стакленички гасови во земјите во развој при што добиваат одредени кредити. ЕТС и денес функционира во ЕУ и уште неколку земји, но CDM покажа некои слабости и денес речиси не функционира.
Република Македонија (РМ) го потпиша Парискиот договор за климатски промени и се обврза на амбициозна цел: до 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51% во споредба со емисиите од 1990 година. Тоа е главна причина заради која РМ реши да воведе јаглероден данок и веќе неколку години се вршат подготовки за тоа. Во Стратегијата за климатска акција донесена во 2021 година е наведено дека данокот ќе се воведе во 2027 година според референтно сценарио или во 2023 според напредно сценарио. Во 2022 година е подготвен нацрт Закон за климатска акција и тогашната влада вети дека ќе го донесе во истата година, но тоа до денес не е направено.
Во Законот за климатска акција е наведено дека јаглероден данок (надоместок) ќе плаќаат фирмите кои вршат дејност во следниве области: производство на електрична енергија вклучувајќи комбинирани постројки за производство на електрична енергија и топлина, производство на цемент, железо и челик, алуминиум и вештачки ѓубрива.
Собраните средства од данокот се приход на буџетот на Министерството за животна средина и во законот е наведено за кои намени ќе се користат тие средства. Во последниот член пишува дека овој закон ќе започне да се применува од први јануари 2024 година. Но веднаш потоа треба да се донесат и неколку подзаконски акти без кои не може да функционира она што е предвидено со законот за климатска акција, а во врска со емисиите на стакленички гасови и плаќање на јаглероден данок.
По стапување во сила на законот за климатска акција се предлага почетна цена на 1 тон СО2 да биде 2,5% од висината на пазарната цена во ЕУ ETS системот во 2026 година, а потоа постепено да се зголемува до 100% до 2034 година. Инаку, деновиве цената на берзата во ЕУ ETS е околу 70 евра за 1 тон СО2.
Државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ) согорува јаглен и мазут и ЕСМ ќе треба да плаќа надоместок за СО2, а тоа значи зголемување на производната цена на електричната енергија која и онака е повисока од онаа што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи. Разликата ја субвенционира државата од буџетот, односно од пари на граѓаните. Воведувањето на данок на СО2 ќе треба ЕСМ да го вгради директно во цената што ја плаќаат граѓаните, или индиректно со субвенционирање од буџетот, а тоа се исто така пари на граѓаните. Значи, со воведување на данок на СО2 во секој случај „дебелиот стап ќе го јадат граѓаните“.
Воведувањето на данокот на СО2 ќе влијае неповолно и кај приватните компании што имаат емисии на СО2 од согорување на фосилни горива. Ако на нивните производи се додаде данокот на СО2, ќе треба да ги зголемат цените на нивните производи, а тоа ќе ја намали нивната конкурентност. Во краен случај можеби ќе дојде во прашање и нивниот опстанок. Ако во соседните земји не се воведе јаглероден данок, тогаш конкурентноста на македонските компании може да опадне (увозните производи би биле со пониски цени).
Од 1 јануари 2026 година РМ треба да почне да се применува Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (на англиски: Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) во трговијата со ЕУ. Во принцип, за производите што се извезуваат во ЕУ мора да има претходно платен јаглероден данок во земјата извозник. РМ сеуште не е подготвена за спроведување на овој механизам. Но треба да се внимава парите од јаглеродниот данок да останат во РМ, а не да одат во странски земји.
Според мое мислење, РМ заедно со некои соседни земји од регионот би требало да побараат пролонгирање на датумот за примена на CBAM механизмот. Не само државната администрација, туку и нашата индустрија не е на исто ниво како кај земјите од ЕУ. Дополнителна причина е и фактот што емисиите на стакленички гасови по жител се пониски во РМ и во некои соседни земји.
На последниот самит за климатски промени (СОР29) одржан во Баку во 2024 година беше договорено во иднина да се воспостави глобален пазар за купување и продавање на јаглеродни кредити и на тој начин би можело да се мобилизираат милијарди долари повеќе во нови проекти за борба против климатските промени, особено во земјите во развој. Оваа иницијатива е неизвесна, а за да биде реализирана ќе треба да поминат две или повеќе години. Но РМ нема време за чекање бидејќи ЕУ постојано „притиска“ да ја транспонираме нивната регулатива иако некогаш тоа е пребрзо за нас. Значи, јаглеродниот данок не ни бега.