НОВИ ШОКАНТНИ СВЕДОЧЕЊА ПРОТИВ РАПЕРОТ Диди го користел ова лажно име за да ги скрие трагите од злоставување
Во текот на судењето се појавија голем број шокантни сведоштва. Според наводите на една од сведоците, Комбс наводно го користел лажното име Френк Блек.
Музичкиот могул Шон Комбс, познат по сценските имиња Паф Деди, П. Диди и Диди, во последните месеци ги полни насловните страници не поради музичките успеси, туку поради сериозни обвиненија што би можеле да му донесат повеќегодишна затворска казна.
Диди во моментот се соочува со голем број кривични обвиненија, вклучувајќи трговија со луѓе, поттикнување на проституција, изнуда и организиран криминал, но тој силно ги негира сите обвиненија.
Во текот на судењето се појавија голем број шокантни сведоштва. Според наводите на една од сведоците, Комбс наводно го користел лажното име Френк Блек за да го скрие својот идентитет во текот на озлогласените забави што се одржувале во хотелски соби и неговите вили, каде, според изјавите на сведоците, сексуално злоставувал жени.
Неговиот прв уметнички прекар беше Паф Деди, инспириран од прекар од детството, бидејќи, како што еднаш изјавил, „дишел тешко кога се лутел или се вознемирувал“. Подоцна го промени своето име во П. Диди, делумно како почит кон својот колега и пријател Ноториус Б.И.Г., а денес повеќето едноставно го нарекуваат Диди.
Пред неколку дена, неговата поранешна асистентка, претставена под псевдонимот Миа, сведочеше на суд дека Комбс сексуално ја злоставувал додека работела за него.
Миа е вториот сведок на судењето во Њујорк кој тврди дека Комбс ја силувал и сексуално ја злоставувал. Таа изјавила дека почнала да работи за него како лична асистентка во 2009 година, кога имала 20 години. Работната средина ја опишала како хаотична и токсична.
На прашањето на обвинителот зошто не рекла „не“ кога Комбс ја нападнал или зошто не го пријавила случајот во полиција, Миа рекла:
„Знаев колку моќ има. Знаев колку контрола има врз мене и не сакав да го изгубам сè за што толку напорно работев.“
Кога ја прашале зошто сега излегува со својата приказна, таа одговорила:
„Морав да ја кажам вистината, целата вистина и ништо освен вистината.“
Одбранбениот тим на Шон Комбс сè уште немал можност да ја испрашува Миа, но ќе го стори тоа на нејзиното следно појавување на суд.