ПАФ ДИДИ И ВО ЗАТВОР ВОДИ ВИП ЖИВОТ Масажи, мобилен телефин, алкохол и затвореници кои го служат

Четворица поранешни затвореници за NBC News опишале како Шон „Диди“ Комбс наводно плаќал илјадници долари месечно за други затвореници да му готват, чистат, перат и да му прават масажи

0

Шон „Диди“ Комбс, кој отслужува 50-месечна затворска казна во федералниот затвор Форт Дикс во Њу Џерси, наводно успеал и зад решетки да си создаде живот далеку од вообичаеното затворско секојдневие.

Според истражувањето на NBC News, четворица мажи кои престојувале во истиот оддел како Диди тврдат дека тој плаќал илјадници долари месечно за услуги од други затвореници. Наводно, едни му готвеле, други му чистеле и му ја местеле постелнината, а имало и затвореник кој му правел масажи во кинески стил.






Изворите тврдат дека Диди плаќал и за посебно подготвена храна. Меѓу оброците што наводно му ги правеле биле кари со пилешко, пица и емпанади, подготвувани со импровизирани средства за готвење. Според нив, парите за овие услуги доаѓале однадвор и биле префрлани на сметките во затворската продавница на затворениците кои му завршувале услуги.

Но, најголемото внимание го привлекуваат тврдењата дека Комбс имал пристап и до забранети предмети. Изворите за NBC News велат дека користел нелегални мобилни телефони за да следи Инстаграм и да гледа експлицитни фотографии што наводно му ги испраќала поранешната партнерка. Наводно имал и таблет на кој гледал филмови и документарци, меѓу кои и серијата „Sean Combs: The Reckoning“, продукција на неговиот долгогодишен ривал 50 Сент.

Според истите извори, во затворот циркулира и црн пазар на лекови, а Диди наводно купувал Ремерон, антидепресив кој во затворската средина се продава под прекарот „рем-ромс“. Тие тврдат и дека за време на викендите имал пристап до залихи на поскап алкохол, кој наводно го внесувале чувари и го делел со мала група затвореници. Еден од изворите дури тврди дека и самиот пиел Хенеси со Комбс.

Форт Дикс, инаку, е затвор со ниско ниво на безбедност во кој има околу 4.000 затвореници. Проблемот со шверцувана стока таму не е нов – NBC News наведува дека неодамна пет лица, меѓу кои сегашен и поранешен затворски службеник, биле обвинети во случај поврзан со внесување недозволени предмети, вклучително и мобилни телефони и марихуана.

Диди во Форт Дикс пристигнал во октомври откако беше осуден на 50 месеци затвор по пресудата за две точки поврзани со транспорт на лица преку сојузните граници со цел проституција. Поротата го ослободи од обвиненијата за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација и рекетирање.

Неговите адвокати претходно барале да биде испратен токму во Форт Дикс, меѓу другото и поради програмата за лекување од зависности. Диди првично бил вклучен во програмата, но според NBC News подоцна бил отстранет по конфликт со друг затвореник и престој во самица. По излегувањето од самица, изворите тврдат дека повторно продолжил со својот специфичен начин на живот.

Интересно е што неговиот престој во Форт Дикс и претходно беше проследен со проблеми. Во ноември 2025 година затворските документи покажаа дека бил предмет на дисциплинска постапка поради тринасочен телефонски разговор, што ги прекршува правилата на федералниот затворски систем. Било препорачано да му бидат одземени телефоните и привилегиите за купување во затворската продавница на 90 дена. Неговиот портпарол тогаш тврдеше дека разговорот бил инициран од адвокат и бил заштитен со адвокатско-клиентска доверливост.

Портпаролот на Комбс и сега ги отфрла најновите тврдења. За NBC News изјавил дека медиумското следење на секој детал од неговиот живот во затвор отишло предалеку и дека она што се опишува како „привилегиран живот“ е всушност дел од вообичаениот затворски живот. Бирото за затвори, пак, не сакаше да ги коментира конкретните услови за Комбс, повикувајќи се на приватност, безбедност и сигурност.

Во меѓувреме, датумот за неговото ослободување повторно е поместен. Според најновите записи на Федералното биро за затвори, Диди сега би требало да излезе на слобода на 21 јануари 2028 година, иако датумот неколкупати беше менуван.

Поврзани содржини