📽️ТАА БЕШЕ ВИСТИНСКО ЧУДО ОД ДЕТЕ Дакота Фенинг порасна пред камерите, а сега првпат ќе глуми заедно со помладата сестра
На само седум години доби номинација за престижна актерска награда, глумеше со Шон Пен, Дензел Вашингтон и Том Круз, а нејзиниот талент го воодушеви Холивуд. Денес, на 32 години, има повеќе од две децении кариера, но и нејзината помлада сестра сè почесто е во центарот на вниманието.
Дакота Фенинг е една од ретките детски ѕвезди кои успеаја да ја продолжат кариерата и во зрелата возраст, без големи скандали и драматични падови. Во раните 2000-ти беше едно од најбараните детски лица во Холивуд, а режисерите ѝ доверуваа улоги покрај најголемите филмски имиња.
Нејзиното вистинско име е Хана Дакота Фенинг. Родена е на 23 февруари 1994 година во Конјерс, Џорџија, во спортско семејство. Татко ѝ Стивен бил професионален бејзбол-играч, а мајка ѝ Хедер Џој Аренгтон се занимавала со тенис. Дакота уште од најрана возраст покажувала интерес за глумата. Сакала да организира мали претстави дома, па мајка ѝ ја запишала на часови по глума.
Уште на пет години снимила реклама за детергент, а потоа добила мали улоги во сериите „Итна служба“, „ЦСИ“ и „Правда за сите“. Семејството се преселило во Лос Анџелес за да ѝ овозможи да ја развива кариерата.
Пресвртот се случил во 2001 година со филмот I Am Sam, во кој ја глумеше Луси, ќерката на татко со интелектуална попреченост, кого го играше Шон Пен. Дакота тогаш имаше само седум години, а нејзината емотивна изведба ѝ донесе номинација за наградата на Здружението на филмски актери (САГ). Со тоа стана најмладата номинирана актерка во историјата на ова признание.
Следуваа улоги во Sweet Home Alabama, The Cat in the Hat, Uptown Girls, а во 2004 година се појави покрај Дензел Вашингтон во трилерот Man on Fire. Една година подоцна глумеше со Том Круз во War of the Worlds, како и со Роберт Де Ниро во психолошкиот трилер Hide and Seek. Уште пред да наполни 12 години, зад себе имаше искуство какво што многу актери не стекнуваат ни во текот на целата кариера.
Како што растеше, почна да избира посериозни улоги за да се ослободи од имиџот на детска ѕвезда. Во 2009 година ѝго позајми гласот на главната хероина во анимираниот филм „Coraline“, а истата година се приклучи на вампирската филмска сага The Twilight Saga: New Moon, во која ја играше Џејн, припадничка на моќниот клан Волтури. Во биографскиот филм The Runaways од 2010 година ја толкуваше пејачката Шери Кари, покрај Кристен Стјуарт, која ја играше Џоан Џет.
Дакота се обидувала да води и нормален живот надвор од снимањата. Учела во училиштето Кембел Хол во Калифорнија, а потоа студирала на Универзитетот во Њујорк. Но додека таа се обидуваше да докаже дека може да биде и зрела актерка, нејзината четири години помлада сестра Ели Фенинг почна да гради сопствена кариера. Интересно е што Ели ги имаше првите филмски настапи токму благодарение на Дакота. Во I Am Sam ја играше помладата верзија на ликот на својата сестра.
Ели подоцна се наметна со филмовите Super 8 и Maleficent, во кој ја играше принцезата Аурора покрај Анџелина Џоли, а особено внимание привлече со серијата The Great, во која ја толкуваше руската царица Катерина Велика.
Во средината на минатата деценија нејзината популарност значително порасна, додека Дакота почна да избира помали филмски и телевизиски проекти. Сепак, нивните кариери се развиваа во различни насоки, а не како натпревар една против друга.
Во заедничко интервју за „Венити фер“ во 2025 година, Дакота изјави дека не чувствува конкуренција со сестра си. Напротив, Ели призна дека постарата сестра ја штитела од многу предизвици на животот под постојаното внимание на јавноста. Во 2021 година двете основале и сопствена продукциска куќа, „Левелен пикчрс“ (Lewellen Pictures), преку која развиваат филмски и телевизиски проекти.
Една од најконтроверзните улоги на Дакота беше во независната драма Hounddog од 2007 година. Таа тогаш имаше само 12 години и глумеше девојче кое доживува сексуално насилство. Филмот предизвика бурни реакции поради тешката тема и прашањето дали таква улога е соодветна за малолетна актерка. Дакота тогаш застана во одбрана на својата одлука и на родителите, нагласувајќи дека нападите врз нејзиното семејство се неоправдани и болни.
За разлика од многу свои врснички од Холивуд, таа успеа да го зачува приватниот живот далеку од јавноста. Една од нејзините познати врски беше со британскиот манекен Џејми Страчан, кој беше 13 години постар од неа. Беа заедно од 2013 до 2016 година, а подоцна актерката беше поврзувана и со Хенри Фрај. Во интервју за „Вог“ во август 2026 година отворено зборуваше за љубовта и желбата еден ден да стане мајка. Потврди дека е слободна и дека не би започнала сериозна врска со маж кој не сака деца. Призна и дека современото запознавање и состанување понекогаш ѝ станува заморно и дека знае да се разочара.
Во последните години Дакота повторно има забележителни улоги. Во серијата The Alienist се појави во 2018 година, а во 2023 повторно работеше со Дензел Вашингтон во The Equalizer 3, речиси две децении по нивната прва заедничка соработка. Во 2024 година глумеше во сериите Ripley и The Perfect Couple, како и во хоророт The Watchers. Улогата на Марџ Шервуд во Ripley ѝ донесе номинација за наградата „Еми“, а уште една номинација доби за серијата All Her Fault од 2025 година.
Во 2026 година ја видовме и во независниот филм The Sun Never Sets, во кој ја игра Венди, жена која живее на Алјаска и копнее по љубов и мајчинство. Дакота откри дека во ликот внела многу лични искуства и емоции. Нејзината сестра Ели по гледањето на филмот ѝ рекла дека публиката можеби за првпат ќе ја запознае Дакота онаква каква што ја познаваат нејзините најблиски.
Еден од најочекуваните проекти на сестрите е филмот The Nightingale, според романот на Кристин Хана, чија премиера е најавена за 2027 година. Приказната следи две сестри во Франција за време на Втората светска војна, а Дакота и Ели за првпат ќе глумат заедно во исти филмски сцени. Двете се вклучени и како продуцентки.
Дакота, исто така, е најавена како главна актерка и извршна продуцентка на нова шпионска серија за „Епл ТВ“, во која ќе игра агентка на американското Министерство за финансии на тајна задача.
На 32 години, по повеќе од 25 години во филмската индустрија, Дакота Фенинг е далеку од детето што го паметиме од „Јас сум Сем“ и „Војна на световите“. Иако нејзината сестра Ели денес привлекува големо внимание, Дакота изгради сопствена, долготрајна кариера и продолжува да избира улоги со кои докажува дека нејзиниот талент не бил само детско чудо.