БОБ ДИЛАН НАСТАПИ ВО ЉУБЉАНА Концерт без мобилни телефони, без добровечер, без бис

На концертот на Боб Дилан во Љубљана мобилните телефони морале да останат во запечатени футроли, не ги свирел најголемите хитови и не ѝ се обратил на публиката. 

3

Боб Дилан настапи во понеделникот (9 ноември) во распродадената арена „Стожице“ во Љубљана, во рамките на турнејата „Lights of Autumn“. Концертот траеше околу 95 минути, без вообичаените поздрави, разговори со публиката и бис. Но, според впечатокот на новинарот на хрватски „Тпортал“, токму во тоа се крие вистинската магија на вечерта.

– Денешните концерти на музичките легенди кои се во поодминати години одамна не се само можност да се слушнат омилените песни. Тие се речиси еден вид наклон пред уметниците без кои музиката денес не би била иста. Таков беше и настапот на 85-годишниот Дилан, еден од ретките музичари чие заминување еден ден ќе остави ненадоместлива празнина – пишува хрватскиот tportal.






Авторот на текстот забележува дека современата музика сè почесто му изгледа празна, со сè помалку талент, додека за големи ѕвезди се прогласуваат имиња кои во времето на Дилан едвај би се нашле на дното на фестивалските плакати. Во таков свет, самиот факт дека човек може да биде во иста сала со уметник како Дилан буди посебна емоција.

– Дилан на сцената се појави точно во 20 часот, без да чека сите да ги заземат местата. Со бела маица и качулка на главата седна зад клавијатурите и веднаш почна да свири. Оние што очекуваа да ги слушнат неговите најголеми хитови, како „Like a Rolling Stone“, „Mr. Tambourine Man“ или „Blowin’ in the Wind“, останаа без нив. Од вкупно 18 песни, само пет беа од неговиот постар репертоар – пишува авторот.

Вообичаено за него, Дилан свирел она што самиот го избрал, а не она што публиката можеби го посакува. Дури и некои познати песни биле толку поинаку аранжирани што можеле да се препознаат дури кога ќе стигнат до рефренот. Сепак, новите композиции, меѓу кои „Black Rider“ и „Goodbye Jimmy Reed“, биле меѓу највпечатливите моменти на вечерта. Авторот особено го пофали и изненадувачки добриот глас на музичарот, како и свирењето на неговиот придружен бенд.

– Во текот на концертот Дилан речиси воопшто не се помести од клавијатурите. Не ѝ кажа ниту „добра вечер“ на публиката, не направи пауза меѓу песните, а додека салата аплаудираше, бендот веќе ја започнуваше следната композиција. На крајот само се поклони, мавна со раката и замина. Немаше бис – пишува порталот.

На крајот авторот објаснува и зошто нема фотографии и снимки од концертот.

– Посебно правило ја одбележа вечерта – забрана за користење мобилни телефони. Посетителите мораа да ги остават во специјални футроли кои беа запечатени при влезот. Немаше снимање, фотографирање, ниту обиди концертот да се документира и веднаш да се објави на социјалните мрежи. Публиката мораше да го следи настапот со сопствените очи и уши, без екрани меѓу себе и музичарот.

Такви беа концертите некогаш и такви мора секогаш да бидат – порачува авторот, кој смета дека Дилан со ова правило понудил лекција што треба да ја запомниме.

Неговото музичко наследство, со четириесетина албуми и безброј незаборавни песни и текстови, е едно од најголемите културни богатства на човештвото. Авторот оди дотаму што предлага Дилан да биде дел од наставните програми во основните училишта, а неговото правило за исклучување на телефоните на концертите да стане нешто што ќе се практикува на сите концерти.

Поврзани содржини