„ДРЖИ СЕ ПОДАЛЕКУ ОД МОЕТО СЕМЕЈСТВО“ Ќерката на Брус Вилис бесна поради споредбата на татко ѝ со бебе
Талула Вилис реагираше на тврдењата на анонимен извор дека актерот, кој боледува од деменција, понекогаш се однесува како бебе. Таа праша кој му дал право на некого да зборува на таков начин за нејзиниот татко и да открива интимни детали за неговата здравствена состојба.
Талула Вилис, најмладата ќерка на Брус Вилис и Деми Мур, остро му се спротивстави на човекот кој за медиумите зборувал за влошувањето на здравствената состојба на нејзиниот татко. Нејзината реакција следуваше откако „Дејли мејл“ објави текст во кој анонимен извор изнел детали за животот на 71-годишниот актер, кој веќе неколку години се бори со фронтотемпорална деменција.
Според изворот, Брус понекогаш „изгледа како бебе кое гледа во некој предмет со љубопитност, обидувајќи се да го впие она што го гледа“. Во написот се тврди и дека актерот, иако физички изгледа како здрав човек на средни години, претрпел значително когнитивно влошување и живее во свој свет.
Талула на Инстаграм објави фотографија од детството на која е со својот татко и напиша дека ја погодил написот во кој се изнесуваат такви детали. Таа потсети дека луѓето што го сакаат Брус постојано ѝ укажуваат дека треба внимателно да избира што објавува за неговата состојба, особено кога станува збор за негови фотографии.
– Ми падна тешко кога го прочитав тоа, бидејќи луѓето што го сакаат низ целиот свет ми укажувале, кога споделувам фотографии, дека треба да постои вистинска и јасна свесност за тоа што се објавува – напиша таа.
Потоа директно му се обрати на човекот кој го дал спорниот коментар:
– Значи, тој „пријател, член на семејството“ или извор што споделил дека тој сега се однесува како бебе? Како е тоа прифатливо? Кој си ти?
Пораката ја заврши со остро предупредување: Држи се подалеку од моето семејство.

Не е познато кој стои зад анонимното сведоштво, а Талула не откри дали станува збор за вистински близок пријател или член на семејството. Нејзината објава повторно ја отвори и темата за приватноста на актерот, чие семејство внимателно избира кои моменти од неговиот живот ќе ги сподели со јавноста.
View this post on Instagram
Брус Вилис се повлече од актерството во 2022 година, откако семејството соопшти дека му била дијагностицирана афазија, нарушување што влијае врз говорот и комуникацијата. Во февруари 2023 година беше објавено дека станува збор за фронтотемпорална деменција – прогресивна невролошка болест која може да влијае врз говорот, однесувањето и личноста.
Неговата сопруга Ема Хеминг и петте деца, Талула, Румер и Скаут од бракот со Деми Мур, како и Мејбл и Евелин од бракот со Ема, се неговата најголема поддршка. И покрај болеста, Брус беше покрај Талула и на нејзината свадба со музичарот Џастин Ејси во август годинава, а семејството повремено споделува фотографии од заедничките моменти.