ПОТРЕСНО СВЕДОШТВО ЗА БОРБАТА СО РАКОТ Кејт Мидлтон откри што ѝ рекле лекарите во болницата за нејзиното закрепнување

Кејт Мидлтон во ретко интервју отворено проговори за тешкиот период во борбата со ракот, откривајќи што ѝ кажале лекарите за време на престојот во болница и каде ја пронашла силата за закрепнување.

1

Принцезата од Велс во ретко интервју отворено зборуваше за борбата со ракот, престојот во болница и предизвиците со кои се соочувала за време на закрепнувањето. Во разговорот за специјалното издание на списанието „Country Life“, чиј гостин-уредник е нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, откри колку престојот во природа ѝ помогнал во еден од најтешките периоди во животот.






Кејт разговарала со познатиот британски писател Роберт Мекфарлејн, кому му признала дека лекарите уште за време на лекувањето ја предупредиле дека закрепнувањето нема да биде едноставно.

– Во болницата ми рекоа дека моето закрепнување нема да биде рамномерно. Ќе има добри и лоши денови и ќе биде потребно време. Така е и во природата – изјавила принцезата.

Таа објаснила дека токму во природата пронашла мир, утеха и сила за да се справи со болеста. Истакнала дека во тешкиот период особено ѝ значеле блиските луѓе и местата на кои се чувствувала сигурно.

– Чувството на поврзаност, луѓето на кои им верувате и местата на кои пронаоѓате мир можат да бидат неверојатно важни во тешките моменти – порачала таа.

Кејт ја опишала природата како свое прибежиште, нагласувајќи дека таа ѝ дава чувство на слобода, без притисок и очекувања.

– Природата не бара ништо од нас. Не нè осудува ниту очекува да докажуваме нешто. Едноставно ни дозволува да бидеме она што сме. Навистина беше мое прибежиште и место на кое инстинктивно сакав да се вратам – вели принцезата.

Во разговорот со Роберт Мекфарлејн, писател познат по своите книги за природата и пејзажите, Кејт била прашана каде ја пронаоѓа надежта.

Таа одговорила дека природата ја потсетува дека, без оглед на предизвиците со кои се соочуваме, не сме сами и дека сите сме поврзани со нешто поголемо од нас самите.

– Тоа е чувството на надеж што го пронаоѓаме и во најтемните моменти. Треба да ги пронајдеме работите што можеме да ги направиме заедно со другите, начините на кои можеме да се поврземе и да возвратиме – вели таа.

Принцезата посебно ја пофалила и добротворната организација „Mind Over Mountains“, која им помага на луѓето да ја подобрат менталната благосостојба преку пешачење во природа, техники на свесност и разговори со стручни советници.

Принцезата се присети и на детството, кога многу време поминувала надвор, играјќи покрај потоци, берејќи капини и уживајќи во едноставните работи. Токму таквите искуства денес се обидува да им ги овозможи и на своите деца, принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис.

Таа открива дека сака да ги поттикнува самостојно да го истражуваат светот, наместо постојано да им кажува што треба да гледаат или како да размислуваат. Изрази и загриженост поради сè поголемото влијание на технологијата врз младите, истакнувајќи ја важноста на престојот на отворено за развојот на детската фантазија и креативност.

Да потсетиме, Кејт во јануари 2024 година беше подложена на операција на абдоменот, а два месеца подоцна на јавноста ѝ откри дека ѝ бил дијагностициран рак и дека прима превентивна хемотерапија. Во септември истата година објави дека го завршила лекувањето, додека во јануари 2025 година потврди дека болеста е во ремисија.

Фото: Принтскрин

Оттогаш постепено се врати на кралските должности, а за сопственото искуство сè почесто зборува за да им даде поддршка на луѓето кои минуваат низ слични животни предизвици.

Принцот Вилијам во списанието вклучил и цртеж на птица што ја насликал нивниот најстар син Џорџ, а зборува и за семејните прошетки и љубовта што неговите деца ја делат кон природата.

Поврзани содржини