ТАТКОТО НА МЕГАН ЈА ПРЕСЕКОЛ ЕЛЕКТРОНСКАТА АЛКА НА НОГАТА Судот го испрати Томас Маркл во затвор

Таткото на Меган Маркл, Томас, ја пресекол електронската алка на ногата и од домашен притвор, повторно е испратен во федерален затвор без можност за пуштање со кауција.

4

Томас Маркл (82), таткото на Меган Маркл, повторно е во федерален притвор во САД, откако ја пресекол електронската алка со која бил следен додека се наоѓал во домашен притвор. Само неколку дена претходно, тој беше уапсен и обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Судот сега одлучи дека треба да остане зад решетки без можност за кауција, додека трае постапката.

Според информациите американските медиуми, Маркл ја отстранил електронската алка околу 1:45 часот по полноќ во вторникот (10 ноември). Првиот помошник-обвинител Бил Есали соопшти дека бил уапсен кратко потоа.






– Условите за ослободување се судски наредби, а не предлози – порача Есали. На сослушувањето во Тампа, Флорида, судијката Линдзи Грифин оценила дека Маркл ги прекршил условите за ослободување и наредила негово враќање во федерален притвор без кауција.

Претходно, на 6 ноември, Маркл беше уапсен во дом за згрижување стари лица во Флорида, по федерална истрага за материјали пронајдени во две складишта во областа на Лос Анџелес, кои ги изнајмувал од 2008 година. Истражителите заплениле околу 78 предмети, меѓу кои слајдови, филмски негативи и книги со сомнителна содржина. Според судската пријава, дел од фотографиите наводно прикажуваат возрасен маж, кого сведок го идентификувал како Томас Маркл, со малолетни девојчиња. Против него е поднесено едно федерално обвинение за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна до 20 години затвор. Маркл ги негира обвинувањата и претходно ги нарече „болни лаги“.

Случајот доби меѓународни размери откако неговиот син Томас Маркл Џуниор пријавил во полиција дека пронашол голема колекција вакви материјали во поранешниот дом на татко му на Филипините. По тие сознанија, во истрагата се вклучиле и американските власти, а ФБИ ги истражувало информациите што довеле до двете складишта во Калифорнија. Истраги се водат и во други земји во кои Маркл престојувал.

Судијката претходно нареди и психијатриска процена на 82-годишниот Маркл, поради неговата здравствена состојба, возраста и проблемите со помнењето, за да се утврди дали е способен да ја следи судската постапка и да соработува со својата одбрана. Неговото здравје дополнително се влоши годинава, кога додека живееше на Филипините доживеа мозочен удар, по што му беше ампутирана и левата нога. Поради тоа се врати во САД.

Случајот повторно ја отвори и болната семејна приказна на Меган Маркл, која со татко ѝ нема контакт од периодот пред нејзината венчавка со принцот Хари во 2018 година. По објавувањето на првите информации за истрагата, во октомври таа соопшти дека е „длабоко вознемирена“ од обвинувањата и дека нејзините мисли се со сите деца кои можеби биле повредени. Откри и дека уште во 2019 година до британската полиција била испратена писмена пријава со вознемирувачки наводи за нејзиниот татко, чија содржина подоцна ѝ била споделена. Британската полиција потврди дека го примила писмото, но дека неговата содржина не била проследена до други полициски служби.

– Се надевам дека сега ќе биде разбрано дека дистанцата од татко ми и мојата одлука да не му дозволам контакт со нашите деца имаа само една причина – да ги заштитам – порача Меган, мислејќи на принцот Арчи и принцезата Лилибет.

Во меѓувреме, принцот Хари и Меган се појавија на настан во Брисел посветен на заштитата на децата од злоупотреба на интернет. Хари зборуваше за правото на децата да бидат безбедни во дигиталниот свет, додека Меган, која требаше да одржи говор, се откажа од планираното обраќање.

Поврзани содржини