ПОЧИНА АКТЕРОТ ПОЗНАТ ПО УЛОГАТА НА ДЕТЕКТИВОТ МАЈК ХАМЕР Стејси Кич играше во Шекспирови драми и во холивудски продукции

На 85-годишна возраст почина американскиот актер Стејси Кич, познат по улогата на детективот Мајк Хамер, но и по бројни други улоги во театар и на филм. Меѓудругите, познат беше и по толкувањето на ликот на Ернест Хемингвеј.

19

Американскиот актер Стејси Кич почина на 85-годишна возраст во својот дом во Полска. Неговата сопруга Малгоша Томаси соопшти дека актерот заминал по долга и тешка борба со сериозно срцево заболување и срцева слабост.

Кич беше едно од препознатливите имиња на американската филмска, телевизиска и театарска сцена. Најголема популарност стекна со улогата на приватниот детектив Мајк Хамер, ликот создаден од писателот Мики Спилејн, кој го толкуваше во неколку телевизиски серии и филмови во 80-тите и 90-тите години.






Но неговата кариера беше многу поширока од оваа улога. Кич беше класично образован актер, кој со подеднаква посветеност играше во Шекспировите драми и во холивудски продукции. Го толкуваше Хамлет, Кралот Лир, Магбет и Ричард Трети, а во мини-серијата „Хемингвеј“ од 1988 година го играше славниот писател Ернест Хемингвеј. За оваа улога ја освои наградата Златен глобус и доби номинација за Еми.

Публиката го памети и по филмовите „Fat City“, „The Long Riders“ и „American History X“. Во 2019 година доби ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд.

Неговиот живот не бил без тешки периоди. Во 1984 година бил уапсен на лондонскиот аеродром Хитроу поради кокаин, а подоцна признал вина и поминал шест месеци во затвор. Во својата автобиографија отворено пишува за зависноста, опишувајќи го тој период како еден од најтешките во животот. Сепак, успеал да се врати на сцената и да продолжи со успешната кариера.

Кич е роден на 2 јуни 1941 година во Савана, Џорџија. Студирал на Универзитетот во Калифорнија во Беркли и на драмската школа на Јејл, а како Фулбрајтов стипендист се усовршувал и на Лондонската академија за музика и драмска уметност. Зад себе ги остави сопругата Малгоша, со која беше во брак од 1986 година, децата Шенон и Каролина и внуците.

Поврзани содржини