ДЕЦАТА НА ШИНЕЈД О’КОНOР НАЈАВИЈА НОВИ МУЗИЧКИ ИЗДАНИЈА Дали конечно ќе биде објавена музиката што покојната пејачка ја остави зад себе?

Децата на Шинејд О’Конор најавија нови музички изданија во соработка со Chrysalis Records. Дали конечно ќе биде објавен и нејзиниот последен албум?

0

Ќерката на Шинејд О’Конор, Роизин Вотерс, соопшти дека таа и нејзините браќа активно работат на зачувување на музичкото наследство на нивната мајка и најави нови изданија во соработка со издавачката куќа „Chrysalis Records“. Повеќе детали засега не се откриени, но веста повторно ги разбуди надежите на обожавателите дека конечно ќе ја слушнат и музиката што пејачката ја снимала пред смртта.

Роизин ја објави пораката на официјалниот профил на својата мајка. Таа појасни дека страниците на социјалните мрежи се управуваат со целосно знаење и согласност на семејството, кое преку својата компанија „Deep Dana“ директно е вклучено во грижата за наследството на пејачката.






– Таа беше ваша Шинејд, а беше и наша мајка. Сакаме да има место за двете страни – напиша Роизин, додавајќи дека семејството повремено ќе споделува и лични спомени и размислувања за неа. Компанијата „Deep Dana“ е регистрирана во Ирска во март годинава.

Најавата особено го привлече вниманието поради албумот „No Veteran Dies Alone“, на кој Шинејд работела со северноирскиот продуцент Дејвид Холмс. По нејзината смрт во јули 2023 година, тој откри дека биле снимени осум песни, а останало да ја довршат уште деветтата. Албумот првично беше најавен за 2022 година, но никогаш не беше објавен.

Холмс повторно проговори за проектот во јули годинава, кога го нарече „исклучително дело“ и „љубовно писмо до нејзините деца и до светот“. Сепак, призна дека не знае дали снимките некогаш ќе бидат објавени.

Засега семејството не откри дали најавените изданија ќе го вклучуваат недовршениот албум, необјавени песни или нови изданија на нејзините познати снимки. Шинејд О’Конор почина во Лондон во јули 2023 година, на 56-годишна возраст. Светската слава ја стекна со песната „Nothing Compares 2 U“, нејзината преработка на композицијата на Принс, која стана еден од најпрепознатливите хитови на деведесеттите.

Пејачката имаше четири деца од врски со четворица различни мажи: синовите Џејк, Шејн и Јешуа и ќерката Роизин. Била мажена четири пати – за музичкиот продуцент Џон Рејнолдс, новинарот Ник Сомерлад, музичарот Стив Куни и терапевтот Бери Хериџ, но сите бракови завршиле со разделба. Само Џон Рејнолдс, таткото на најстариот син Џејк, бил и нејзин сопруг. Другите три деца ги добила со мажи со кои не била во брак: Роизин со Џон Вотерс, Шејн со Донал Луни и Јешуа со Френк Бонадио.

Најтешкиот удар во животот на Шинејд беше губењето на синот Шејн, кој почина во јануари 2022 година, на 17-годишна возраст. Тинејџерот претходно бил лекуван во болница во Даблин поради предозирање со лекови, а на 6 јануари исчезнал од болницата, каде што требало да биде под постојан надзор. Следното утро неговото тело било пронајдено во близина на градот Бреј. Истрагата утврди дека станувало збор за самоубиство. Шинејд никогаш не го преболе неговото заминување, а во една од своите објави го опиша како „светлината на мојот живот и светилникот на мојата душа“.

Претходно, во 2018 година Шинејд ја објави својата одлука да премине во ислам и го зеде името Шухада Садакат, иако продолжи да настапува под уметничкото име Шинејд О’Конор. Нејзиниот живот беше обележан и со отворено изразени политички и општествени ставови. Таа често ја критикуваше Католичката црква, особено поради прикривањето на злоупотребите, а во 1992 година предизвика голем скандал кога во емисијата „Saturday Night Live“ ја искина фотографијата на папата Јован Павле Втори во знак на протест.

Поврзани содржини