ХОЛИВУДСКАТА ЅВЕЗДА ЌЕ СНИМА ВО ГРЦИЈА Ал Пачино се враќа во земјата во која претходно летувал, за снимањето на филмот „50/50“

Ал Пачино во април 2027 година ќе снима филм во Грција. Холивудската ѕвезда претходно летувала на Скопелос и Парос.

3

Ал Пачино повторно ќе ја посети Грција, но овојпат нема да биде на одмор. Холивудскиот актер во април 2027 година треба да пристигне во земјата за снимањето на филмот „50/50“, спортска драма во која ќе игра поранешен шампион во скејтбординг.

Според грчките медиуми, околу 90 отсто од снимањето ќе се одвива во Грција, иако конкретните локации сè уште не се објавени. Продукцијата е во подготвителна фаза, а веќе започнал и кастингот за грчки актери кои ќе добијат можност да глумат покрај славниот актер.






Приказната го следи младиот грчко-американски скејтер кој по разделбата на родителите се враќа од САД во Грција. Таму запознава искусен и повеќекратно наградуван спортист, кого го игра Пачино. Нивната средба ќе го промени животот на момчето, кое сонува да се квалификува за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Филмот ќе се занимава со спортските амбиции, семејните предизвици, самодовербата и потрагата по сопствениот пат.

Извршната продукција ја презема компанијата „Gold Tree“ на грчко-американскиот бизнисмен Ефтимиос Цонакас, а проектот веќе добил финансиска поддршка од Грчкиот филмски и аудиовизуелен центар. Пачино и Цонакас соработувале и претходно, на филмот „Modì, Three Days on the Wing of Madness“, во режија на Џони Деп, како и на „Lear Rex“, во режија на Бернард Роуз, во кој актерот го толкува кралот Лир. Грчките медиуми пишуваат и дека Цонакас планира поголеми инвестиции во филмската индустрија во земјата, меѓу кои и изградба на пет современи филмски студија.

Иако досега не снимал филм во Грција, Пачино не е непознат гостин на грчките острови. Во август 2016 година бил на Скопелос со својата јахта, каде што се обидувал да остане незабележан. Сепак, бил откриен откако нарачал свежа риба и шпагети со јастог од позната таверна на плажата Агондас. Сопственикот лично му ја однел храната до јахтата и подоцна раскажал дека се ракувал со славниот актер.

Пачино бил забележан и на Парос во јули 2021 година, кога таму престојувал заедно со колегата Крис О’Донел.

Поврзани содржини