ОД ДЕНЕСКА КОМУНАЛНИ РЕДАРИ ПАТРОЛИРААТ НИЗ БУТЕЛ Граѓаните можат телефонски да пријават проблем
Униформираните редари секојдневно ќе ги обиколуваат сите населени места во општината. Граѓаните ќе можат директно да пријавуваат комунални неправилности и оштетување на јавните површини.
Комунални редари од денеска почнуваат со работа на целата територија на Општина Бутел. Тие ќе патролираат со службено возило и ќе се грижат за јавната чистота, комуналниот ред и заштитата на општинскиот имот, соопшти градоначалникот Дарко Костовски во објава на Фејсбук.
Редарите ќе бидат униформирани и секојдневно присутни на терен, во сите населени места. Нивна задача ќе биде и спречување на вандализмот и несовесното однесување кон јавните површини.
За пријавување комунални проблеми и неправилности, граѓаните ќе можат да се јавуваат на посебниот телефонски број 076 202 793.
„Нашата цел е јасна: ред во секое населено место, заштита на она што е заедничко и брза реакција на терен!“, напиша Костовски.
Тој порача дека општината очекува со новата служба да се подобрат чистотата и одговорноста кон заедничкиот простор.