ПОД „РЕНТГЕН“ ОДАТ И АСФАЛТОТ, АВТОПАТОТ „ТРАКИЈА“, 20 ВОЗИЛА… По трагедијата покрената обемна истрага во Бугарија

Досега се сослушани над 50 сведоци, а во тек е разговор со повредените кои се хоспитализирани и можат да дадат исказ.

14

Бугарското обвинителство побара од Агенцијата за патна инфраструктура (АПИ) целосна документација за пуштањето во употреба и одржувањето на делницата од автопатот „Тракија“, каде што на 10 ноември се случија тешките верижни сообраќајни несреќи во кои загинаа 12 лица, а повеќе од 50 беа повредени.

Како што соопшти Апелациското обвинителство во Бургас, земени се примероци од асфалтот за испитување на неговото прилепување, а се очекува да биде назначено и градежно-техничко вештачење за утврдување на состојбата на коловозот. Побарани се и податоци од надлежните институции за временските услови во моментот на несреќите.






Во рамките на истрагата ќе бидат изработени и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на начинот на кој се случиле несреќите, како и комбинирано сообраќајно-техничко и судскомедицинско вештачење за утврдување на причинско-последичната врска меѓу несреќите, смртта на 11 лица и повредите на повеќе од 50 лица.

Досега се сослушани над 50 сведоци, а во тек е разговор со повредените кои се хоспитализирани и можат да дадат исказ. Предвидено е повторно да биде сослушан и романскиот државјанин кој е задржан согласно со Законот за МВР. Извршени се прегледи на телата на загинатите и назначени се судскомедицински вештачења, а дополнителни вештачења ќе бидат изработени и за сите повредени.

Истрагата започнала под надзор на Окружното обвинителство во Јамбол, а потоа, по барање на обвинителот што го води предметот, била преземена од Националната истражна служба поради сложеноста на случајот. Во неа се вклучени десет истражители и тројца криминалисти.

Досега се извршени шест увиди на местото на несреќата, со користење техничка опрема и дрон. Одземени се 20 возила кои имале значајно учество во верижните судири, меѓу кои и товарната композиција управувана од романскиот државјанин. На возилата ќе бидат извршени дополнителни проверки.

По изработката на комплексното вештачење, обвинителството ќе одлучи дали постојат основи за покренување кривична одговорност против конкретни лица.

Поврзани содржини