ГОЛЕМА АНТИКОРУПЦИСКА АКЦИЈА, ПРЕТРЕСИ И АПСЕЊА ВО БЕЛГРАД Бројот на уапсени по изборите надмина 90
Засега не се соопштува колку точно лица се опфатени, ниту нивниот идентитет и функциите што ги извршуваат.
Во Белград утрово е во тек голема антикорупциска операција во која учествуваат Вишото јавно обвинителство и полицијата. Во рамките на акцијата се вршат претреси и апсења на повеќе локации во српската престолнина, а досега се уапсени повеќе лица.
Според информациите што ги објави Танјуг, акцијата е насочена кон сузбивање на корупцијата. Засега не се соопштува колку точно лица се опфатени, ниту нивниот идентитет и функциите што ги извршуваат.
Операцијата се одвива во период на интензивирани истраги и апсења во Србија. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, цитирани во извештај на РТС, во изминатите две недели во земјата биле уапсени повеќе од 90 лица за различни кривични дела.
Меѓу уапсените во претходните акции се и високи полициски функционери, банкари, службеници во покраинската и локалната администрација и директори на јавни претпријатија.
Меѓу позвучните случаи е апсењето на директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, на 3 ноември. Тој, неговата сопруга и синот се осомничени за перење пари во вредност од најмалку 650.000 евра, а истрагата опфаќа купување недвижности во Србија и Црна Гора.
Дополнително внимание предизвика и апсењето на двајца високи полициски функционери – шефот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, и шефот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секуловиќ. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба, а против Кричак се води постапка и за сомневање за малтретирање и тортура.