📽️ УКРАИНА ПОГОДИ ДЕВЕТ РУСКИ НАФТЕНИ ГИГАНТИ, ПРЕРАБОТКА ПАДНА ЗА ЕДНА ТРЕТИНА На Москва ѝ се заканува недостиг на гориво

Украинските дронови од крајот на октомври нарушиле дел од работата на девет од 35-те најголеми руски рафинерии. Изворите од индустријата проценуваат дека дневната преработка би можела да биде намалена за 200.000 тони.

0

Украинските напади со беспилотни летала врз руските рафинерии од крајот на октомври го намалиле капацитетот на Русија за преработка на нафта за околу 30 отсто, изјавиле денеска два извора од нафтената индустрија, пренесува Ројтерс.

Нападите дополнително ѝ ја отежнуваат на Москва задачата да го реши проблемот со недостигот на гориво на домашниот пазар, додека истовремено продолжува да извезува дизел на меѓународните пазари, во рамките на договорот за извоз со американскиот претседател Доналд Трамп.






Украина ги интензивираше нападите врз руските рафинерии по пропаѓањето на примирјето за прекин на нападите врз енергетските објекти, кое Трамп го најави меѓу Киев и Москва, но кое никогаш не заживеа.

 

Според податоците на извори од индустријата и официјални лица, украинските напади во текот на изминатата недела го нарушиле работењето и предизвикале вонредни ситуации во девет од вкупно 35 најголеми руски рафинерии.

Вкупниот проектиран дневен капацитет на рафинериите погодени во нападите од крајот на октомври изнесува околу 300.000 метрички тони, односно 2,2 милиони барели, додека вкупниот капацитет за примарна преработка на нафта во Русија изнесува околу 930.000 тони дневно.

Кон крајот на октомври руските рафинерии преработувале околу 700.000 тони, односно пет милиони барели сурова нафта дневно. Изворите проценуваат дека реалното намалување на преработката би можело да достигне 200.000 тони дневно.

 

Украински дрон вчера ја погоди рафинеријата Кириш – втора по големина во Русија, предизвикувајќи пожар. Гувернерот на Ленинградската област соопшти дека во нападот загинала една жена.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави за „Комерсант“ дека Украина ги игнорира повиците на Трамп да ги прекине нападите врз руските енергетски објекти.

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека Киев продолжува со нападите врз цели поврзани со рускиот нафтен сектор, како одговор на руските удари врз енергетската инфраструктура на Украина.

Тој посочи дека украинските електрани, енергетските мрежи, системите за греење и водоснабдување се изложени на постојани напади, обвинувајќи ја Москва дека ги отфрлила чекорите за деескалација за кои разговарале меѓународните партнери.

Поврзани содржини