ДОГОВОРЕНА ГОЛЕМА РАЗМЕНА НА ЗАРОБЕНИЦИ Русија и Украина ги завршија дводневните преговори во Абу Даби
Двете страни постигнаа начелен договор за голема размена на воени заробеници, а точниот број на луѓе што ќе бидат ослободени треба да биде утврден во четврток. За мировен договор и прекин на огнот засега нема согласност, но американските претставници најавија продолжување на разговорите со Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Дводневните преговори меѓу Русија, Украина и САД завршија денеска во Абу Даби, со договор за голема хуманитарна размена на воени заробеници, но без видлив пробив кон завршување на војната. По средбите, шефовите на делегациите потврдија дека е постигната согласност за нова размена, а нејзините конкретни параметри треба да бидат договорени во наредните денови.
Американскиот претставник Џаред Кушнер изјави дека една од најважните придобивки од разговорите е договорот за, како што го нарече, најголемото досегашно ослободување на заробеници. Точниот број треба да биде утврден во четврток, а договорот го потврдија и шефовите на руската и украинската делегација, Владимир Медински и Рустем Умеров.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно откри дека се разговарало за размена на 1.000 за 1.000 заробеници, а како можност била спомената и размена на 1.500 за 1.500. Сепак, засега нема официјално потврдена бројка. Разговорите опфатиле и враќање на украински цивили кои се во заробеништво, како и украински деца однесени во Русија.
Покрај хуманитарните прашања, централна тема била идната безбедносна архитектура на Европа, односно како би изгледале безбедносните односи на континентот по завршувањето на војната. Се разговарало за безбедносните гаранции за Украина, но и за руските барања за сопствена безбедност, како и за повоената обнова на Украина.
Шефот на руската делегација Владимир Медински по завршувањето на средбите изјави дека двете страни ги размениле своите позиции и дека на некои прашања нашле заедничко разбирање, додека на други разликите останале. Тој потврди дека прашањето за идниот безбедносен систем во Европа било централно во разговорите и најави дека дијалогот ќе продолжи.
Од украинска страна, шефот на парламентарната група на владејачката партија „Слуга на народот“, Давид Арахамија, оцени дека станувало збор за едни од најтешките преговори досега, бидејќи руската делегација дошла со многу строги инструкции. Сепак, тој смета дека американската страна успеала да ја насочи дискусијата кон повоената иднина на двете земји, со што се отворил простор за попродуктивен разговор.
Арахамија го оцени и обновувањето на директните трилатерални разговори како значаен чекор, потсетувајќи дека пред само шест месеци се чинело дека тие нема да можат да продолжат ниту пред пролетта. Тој изрази надеж дека постигнатиот договор за размена на заробеници ќе биде реализиран во голем обем.
Територијалните прашања, сепак, остануваат една од најтешките пречки за мировен договор. Зеленски претходно потврди дека руската страна го отворила и прашањето за териториите, но оцени дека за такви прашања треба да одлучуваат претседателите, а не преговарачките тимови. Москва и натаму бара Украина да се откаже од своите територијални претензии кон Донбас, додека Киев одбива да ги отстапи областите што украинската војска ги контролира.
Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер најавија дека во четврток ќе отпатуваат во Москва, каде што ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин. Целта е да го информираат за разговорите во Абу Даби и да се обидат да постигнат напредок за отворените прашања. Потоа треба да заминат во Даблин, каде што ќе се сретнат со Зеленски и ќе разговараат за идеите и предлозите што произлегле од преговорите.
Кушнер рече дека Русија сака да види поголем напредок пред да се организира директна средба меѓу Путин и Зеленски. Тој посочи дека меѓу двајцата претседатели нема доверба, но дека американската администрација ќе продолжи да бара начин за придвижување на процесот.
Во Абу Даби пристигнаа и претставници на европски земји, Европската Унија и НАТО, но тие не учествуваа во директните трилатерални разговори со руската делегација. Русија одби да разговара со нив во истиот формат, но украинската делегација по завршувањето на средбата со Русите одржа посебни консултации со европските претставници. Украинската служба за надворешно разузнавање соопшти дека се подготвува заедничка изјава од тие разговори.
Кушнер оцени дека Европа мора да биде вклучена во разговорите за повоената безбедност, бидејќи договорите за иднината на континентот директно ги засегаат и европските земји. Така, и покрај одбивањето на Москва да ги вклучи Европејците во директните преговори, американската страна најавува дека ќе продолжи да работи на поширок формат.
Преговорите во Абу Даби беа првите директни трилатерални разговори меѓу Русија, Украина и САД по девет месеци. Додека дипломатските напори продолжуваат, војната не запира: и во текот на разговорите двете страни пријавуваа нови напади со ракети и беспилотни летала, а руските напади повторно ја погодија украинската енергетска инфраструктура.