ПРВА БРИТАНСКА ПЕЈАЧКА, ГЛАВНА ЅВЕЗДА НА КОАЧЕЛА Дуа Липа, Тејм Импала и СЗА се меѓу главните ѕвезди на фестивалот во 2027 година
Дуа Липа, „Тејм Импала“ и СЗА ќе бидат главните ѕвезди на фестивалот „Коачела“ во 2027 година, а меѓу најголемите имиња на објавената програма е и Мадона. За Дуа Липа ова ќе биде деби како главна ѕвезда на фестивалот, со што ќе стане првата британска соло пејачка на таа позиција.
Организаторите ја објавија програмата за следното издание на еден од најголемите музички фестивали во светот, кој ќе се одржи во Индио, Калифорнија, во два последователни викенда – од 9 до 11 април и од 16 до 18 април 2027 година.
Дуа Липа ќе настапи во петок, „Тејм Импала“ во сабота, а СЗА ќе ја затвори фестивалската програма во недела. За Кевин Паркер, музичарот зад проектот „Тејм Импала“, ова ќе биде враќање на главната сцена на фестивалот, каде што настапи како главна ѕвезда и во 2019 година. СЗА веќе настапувала на „Коачела“ во 2016 и 2018 година, а годинава се појави и како гостинка на концертот на Џастин Бибер.
View this post on Instagram
Особено внимание привлекува и Мадона, која ќе има посебно место во програмата на шаторот за електронска музика „Денс тент“. Нејзиното враќање таму доаѓа 21 година по настапот во 2006 година, во периодот кога го промовираше албумот „Confessions on a Dance Floor“. На програмата се и Фиби Бриџерс, Робин, Визер, Зара Ларсон, Дон Толивер, Стив Лејси, Кјго, Тиесто, Манескин, Џису и Дилџит Досањ.
Како посебно издвоено име се појавува и Деди Јенки, кому му е доделена специјална позиција на програмата, во улога на четврта главна ѕвезда. За него ова ќе биде прво учество на „Коачела“. Неодамна го објави концептуалниот албум „La Postal“, а годинава е прогласен за уметник на годината на Латино Греми наградите.
Дуа Липа досега не настапила како дел од официјалната програма на „Коачела“, иако во 2017 година се појави како гостинка за време на настапот на диџејот Мартин Гарикс. Нејзиниот прв настап како главна ѕвезда во 2027 година ќе биде уште еден голем момент во кариерата на пејачката, која веќе има три Греми награди.
Билетите за фестивалот ќе бидат пуштени во продажба на 13 ноември, преку официјалната интернет-страница на „Коачела“. За оние што нема да можат да отпатуваат во Калифорнија, ќе има и пренос во живо на Јутјуб, кој повторно ќе биде ексклузивен партнер на фестивалот.