ЏЕНИФЕР ЛОРЕНС ОТКРИ КАКВИ ПЛАСТИЧНИ ОПЕРАЦИИ НАПРАВИЛА И ШТО ПЛАНИРА СЛЕДНО „Сакам да бидам секси мама“

Оскаровката отворено зборуваше за естетските зафати и желбата да изгледа негувано и привлечно и во секојдневието со двете деца. Истовремено, ја лансираше сопствената линија за нега на коса, „Mes“, создадена во соработка со Јасмина Агановиќ, научничка и претприемачка која ја основала компанијата „Аркеа“

0

Во интервјуто за магазинот „The Cut“, Џенифер открила дека направила подигнување на градите, а во иднина сака да направи и фејслифтинг. Таа претходно зборувала и за ботоксот, кој го користи во мали количини, додека филерите не ѝ се допаѓаат бидејќи, според неа, се забележуваат пред камера. Размислувала и за отстранување масно ткиво од образите, но смета дека таа промена би била премногу забележлива.

– Сакам да бидам секси мајка. Кога ги носам децата, сакам да изгледам како жена што има сè под контрола, дури и кога штотуку станала и воопшто не ѝ е среден животот – рекла Лоренс за „The Cut“. Со оваа изјава, актерката објаснува дека сака да изгледа привлечно и средено и во секојдневните обврски со децата, без тоа да бара премногу време и труд.






Актерката, која со сопругот Кук Марони има два сина, четиригодишниот Сај и помалото дете родено во април 2025 година, претходно открила дека нејзиното тело различно се променило по двете бремености. По првото породување, како што рекла, речиси сè се вратило во нормала, но по второто не било така. Токму затоа почнала да размислува за естетска операција.

Нејзините планови за изгледот, сепак, не се единствената причина поради која овие денови е во центарот на вниманието. Лоренс ја лансираше и својата нова марка за нега на коса, „Mes“, создадена во партнерство со Јасмина Агановиќ, хемиски и биолошки инженер образуван на МИТ и основачка на биотехнолошката компанија „Аркеа“.

Линијата почнува со три производи: маска за обновување на косата од 52 долари, серум за повторно обликување од 44 долари и спреј за волумен од 34 долари. Идејата е производите да ја негуваат косата, а истовремено да го олеснат стилизирањето и да го продолжат времето меѓу две миења.

Лоренс открила дека за време на тестирањето на производите ја оставила маската на косата дури четири дена. Иако формулата била без мирис, нејзината коса почнала да мириса на риба, па сопругот на шега ѝ рекол дека ќе мора да оди во хотел ако не ја измие. Актерката објаснила дека сакала лично да ги испроба производите во реални услови, наместо само да се потпира на лабораториските резултати.

Нејзиниот интерес за нега на косата произлегува и од долгогодишното искуство со снимањата, честите промени на бојата и секојдневното стилизирање за филмските улоги. За проба за еден филм, како што раскажала, косата ѝ ја бојадисувале црвена, кафеава, црна и платинестоплава во ист ден. По снимањето на вториот филм од серијалот „Игри на гладните“, оштетувањето било толку големо што ја скратила косата во пикси-фризура.

Со новиот бренд, Лоренс сака да понуди поинаков пристап кон убавината – помалку време пред огледалото и повеќе производи што одговараат на реалниот живот. Истовремено, не крие дека ѝ е непријатно да го промовира сопствениот бизнис и дека мора да се убеди себеси дека создала нешто навистина добро.

И додека гради нова деловна приказна, актерката останува една од најпрепознатливите холивудски ѕвезди. За улогата во филмот „Сребрена линија“ освои „Оскар“ за најдобра актерка, а во претстојниот филм на Мартин Скорсезе, „What Happens at Night“, треба да глуми покрај Леонардо Дикаприо.

 

Поврзани содржини