НАПРЕДУВА ИЗГРАДБАТА НА ВЕТЕРНИОТ ПАРК БОГДАНЦИ Ветерните турбини ќе се монтираат во 2027 година
Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата.
АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) денеска потпишаа клучни договори за реализација на проектот Ветерен Парк Богданци – втора фаза. Ова стратешко партнерство ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија и ќе ја зајакне енергетската независност на државата. Проширувањето на ветерниот парк претставува значајна инвестиција во енергетската инфраструктура на обновливи извори во Македонија. Договорите ги потпишаа Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ, и Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE.
Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од KfW Развојна банка (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот рамковен фонд за Западен Балкан (WBIF) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра. Ова е доказ дека Германија и Европската Унија се долгорочни стратешки партнери на Македонија на патот кон климатска неутралност и енергетска трансформација.
Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија – што е доволно за задоволување на потребите на околу 6.000 домаќинства. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.
АД ЕСМ изрази огромна благодарност до македонската Влада и до своите стратешки партнери – KfW и Инвестицискиот рамковен фонд за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија. Како заедничка иницијатива на Европската комисија, различни донатори и меѓународни финансиски институции, WBIF игра клучна улога и обезбедува извонредна поддршка на развојните проекти на компанијата, особено во унапредување на обновливите извори на енергија.
Проектот ја потврдува посветеноста на државата кон диверзификација на енергетските извори, намалување на емисиите на стакленички гасови и промовирање на одржлив развој.
– Овој проект претставува моќен симбол за тоа што можеме да постигнеме преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина. Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја. Посебна благодарност упатувам до АД ЕСМ за нивното лидерство и посветеност во унапредувањето на овој проект, како и до нашите колеги од Секретаријатот за европски прашања, WBIF и консултантскиот конзорциум за нивната постојана поддршка – рече Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
– Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно-неутрална енергетска иднина: проширувањето на ветерниот парк Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула-емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток низ целиот животен циклус – рече Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
Узунчев соопшти дека во согласност со утврдената временска рамка на проектот, подготвителните теренски активности и изградбата на потребната инфраструктура за прием, монтажа и приклучување на ветерните турбини кон електроенергетската мрежа ќе започнат ова лето. Овој процес треба да биде завршен за 13 месеци, по што ќе почне завршната фаза на монтажа на ветерните турбини, која се очекува да заврши во текот на летото 2027 година.