ALTA RETAIL ГИ КУПИ ИДЕА МАРКЕТИ И ПОВРЗАНИТЕ ДРУШТВА ОД ФОРТЕНОВА ГРУПА Eден од најбрзорастечките деловни системи во регионот e АЛТА Група
Со трансакцијата се опфатени уште четири компании – Enna Fruit Grocka Beograd, Super Kartica Beograd, M-Profil SPV Beograd и mStart Business Solutions Beograd, кои претставуваат важен дел од оперативната и технолошко-логистичката инфраструктура на системот.
Фортенова група и ALTA Retail потпишаа договор за купопродажба на деловните удели во компанијата Idea Marketi d.o.o. Со трансакцијата се опфатени уште четири компании – Enna Fruit Grocka Beograd, Super Kartica Beograd, M-Profil SPV Beograd и mStart Business Solutions Beograd, кои претставуваат важен дел од оперативната и технолошко-логистичката инфраструктура на системот.
Idea Marketi е еден од најголемите малопродажни синџири во Србија и се вбројува меѓу десетте најголеми работодавачи во земјата. На пазарот е препознатлив по брендовите Idea, Mercator и Roda, со развиена малопродажна мрежа која опфаќа повеќе од 80 градови и општини низ Србија.
Enna Fruit има значајно влијание на пазарот како еден од водечките дистрибутери на свежо овошје и зеленчук во Србија, додека Super Kartica, M-Profil и mStart обезбедуваат клучна поддршка за работењето преку програми за лојалност, управување со недвижности и ИТ-услуги. Заедно, овие компании ја сочинуваат целокупната инфраструктура и технолошко-логистичката поддршка на системот.
– Стратегијата на Фортенова група во малопродажбата е да биде водечки трговец на пазарите на кои работи. За да ја оствари таа цел во Србија, Групата би требало да реализира значителни инвестиции во подолг временски период, на пазар кој има свои специфики и динамика. Поради тоа, донесовме одлука за излез од малопродажниот бизнис во Србија. Овој потег ни овозможува дополнително да ги насочиме нашите капацитети и фокус кон долгорочно зајакнување на позициите на пазарите на кои веќе имаме лидерска позиција и кои во најголема мера се поврзани со еврото како валута. Сакам да им се заблагодарам на вработените во овие компании за посветената работа, придонесот кон Фортенова група и посветеноста на заедничките вредности. Новиот сопственик сега има можност да го подигне работењето на повисоко ниво, а ние, како партнер, му посакуваме многу успех во тоа – изјави Фабрис Перушко, член на Управниот одбор и главен извршен директор на Фортенова група.
ALTA Retail е компанија во состав на ALTA Група, еден од најбрзорастечките деловни системи во регионот. Преку долгорочна стратегија за развој и инвестиции, ALTA Група континуирано го проширува своето работење и гради одржливи платформи за раст во различни сектори од економијата, потпирајќи се на долгорочна визија, оперативна извонредност и одговорно управување. Инвестицијата во малопродажниот сектор претставува значаен чекор кон натамошна диверзификација на работењето и потврда на нејзината определба да инвестира во компании со силни пазарни позиции, препознатливи брендови и значителен потенцијал за понатамошен развој.
– Ова е клучен чекор во развојот на ALTA Retail и еден од најголемите деловни успеси на нашата компанија на пазарот во Србија. Преземаме компании кои со децении уживаат голема доверба кај потрошувачите, имаат силни пазарни позиции и тимови чие знаење, посветеност и професионалност придонеле за постигнување респектабилни резултати. Покрај инвестицијата во деловниот систем, ова пред сè е инвестиција во луѓето, развојот и иднината на домашната трговија. Нашата намера е преку модернизација, унапредување на процесите и иновации да отвориме ново поглавје на раст, со целосно почитување на идентитетот, вредностите и традицијата што брендовите Idea, Mercator и Roda со години ги градат на пазарот. Цврсто веруваме дека домашниот капитал треба да биде двигател на развојот на најголемите економски системи и на создавањето нова вредност за вработените, партнерите, локалните производители и купувачите. Оваа трансакција ја потврдува нашата долгорочна определба да инвестираме во Србија, да ја зајакнуваме домашната економија и да градиме компании со силата на регионални лидери – истакна Бранислава Косовац, директорка на ALTA Retail d.o.o.
Трансакцијата ќе биде заклучена по исполнувањето на сите услови дефинирани во купопродажната документација.