НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ПОТПИСИ ТРЕБА ДА СОБЕРАТ НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ИЗБОРИ По укинувањето на прагот од 1% Собранието треба да го дополни Изборниот законик

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски вели дека станува збор за укинувачка, а не за поништувачка одлука, што значи дека претходното правно правило за собрани 1.000 потписи не оживува и дека законодавецот „во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина“.

347

По укинувањето на прагот од 1% собрани потписи од вкупниот број на избирачи во изборната единица или во општината, сега не се знае колку потписи ќе треба да соберат независните кандидати и листи за парламентарните или за локалните избори.

Уставниот суд денеска со мнозинска одлука ги укина оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, оценувајќи дека се направени во скратена постапка, нетранспарентно, без јавна расправа и дискусија на собраниска седница, непосредно пред одржувањето на изборите во 2024 година.






– Тоа појавува сомнеж дека овие измени во суштина се направени исклучиво во интерес на политичките партии, со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати на самиот почеток на изборната трка – вели претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.

Костадиновски, на прес-конференција по денешната седница на Уставниот суд на која беа укинати членовите 17 и 18 од Изборниот законик, нагласи дека станува збор за укинувачка одлука, а не за поништувачка одлука на Судот. Тоа значи дека претходното правно правило за собрани 1.000 потписи не оживува и дека законодавецот „во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина“.

– Во спротивно, евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот правен поредок – изјави Костадиновски.

Тој нагласи дека „во овој момент нема правно правило под кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите“.

Прашан дали и како оваа одлука ќе влијае на претходните избори, Костадиновски рече дека одлуката нема ретроградно важење и стапува на сила од моментот на објавување во Службен весник.

Уставниот суд, во поглед на формата, оценил дека измените на Изборниот законик не се технички, туку суштински.

– Не е техничка замена на една бројка со друга, туку станува збор за промена на условот со кој граѓаните како изборни субјекти можат да предлагаат кандидатски листи за учество на изборите. Последиците од таквите измени ги засегаат директно правата на граѓаните да предлагаат кандидати, да има независни кандидатски листи – изјави Костадиновски.

Тој додаде дека станува збор за повреда на политичкиот плурализам, кој претставува темелна вредност на уставниот поредок.

– Државата треба да овозможи ефективно изразување, подеднакви и фер услови на изразувањето на политичката мисла од кого било, не само од политичките партии, него и од граѓани и од интересни групи. Да обезбеди еднакви и фер услови за демократски и политички натпревар, што за жал, со сега укинатите одредби не е сторено. Значи се повредува и пасивното и избирачкото право на граѓаните – изјави Костадиновски.

Уставниот суд на денешната седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, требаше да соберат потписи од 1 отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица, ако станува збор за парламентарни избори или општина, ако станува збор за локални избори.

Измените беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава. Со нив  значително се сменија дотогашните услови за поднесување листи на независните кандидати за пратеници, за членовите на локалните совети и за градоначалници. За такво нешто беа потребни 1.000 потписи.

Иницијаторите пред Уставен тврдеа дека со нормата од 1 отсто е драстично подигнат прагот за поднесување независни граѓански листи на изборите. Тоа, според нив, предизвикува нееднаква положба на граѓанитете при здружувањето во иницијативни групи за поднесување независни листи за учество на изборите. На пример, во Градот Скопје една независна листа за советници, според веќе укинатото правило, требаше да собере над 4.500 потписи. За поднесување независна листа за пратеници ќе бидат потребни од 2.500 до 3.500 потписо, зависно од големината на изборната единица.

Поврзани содржини