ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ДОЛЖАТ МИЛИЈАРДА ЕВРА Катаклизмични последици за економијата може да донесе одлуката на Уставниот суд
Не може јавните претпријатија да се однесуваат бахато и комотно, а приватни компании да пропаѓаат затоа што не можат да си ги наплатат долговите. Мора државата да најде некој начин како да се справи со ова или со партиската превработеност, вели претседателот на Уставниотс суд, Дарко Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд во врска со реакции за предметот за Законот за употреба на јазиците, Костадиновски остро ги отфрли тврдењата дека Уставниот суд „го масакрира албанскиот јазик“, оценувајќи дека станува збор за политичка манипулација и злоупотреба на чувствителни прашања.
– Тоа е тешка лага и тешка манипулација. Многу ми пречи кога се прејудицира. Кај нас со голема леснотија политичарите бркајќи политички гласови и мобилизација на гласови, злоупотребуваат теми што не се баш подобни за политичка манипулација, како што се меѓуетничките односи. Не знам од каде му е рефератот, но апсолутно не станува збор за никакво масакрирање на албанскиот јазик. Јас повеќе пати до сега имам истакнато никој нема да го чепне албанскиот јазик, тоа е уставна категорија и така како што е уреден со Уставот – изјави Костадиновски во гостување на ТВ21.
Тој посочи дека Уставниот суд не ја оспорува суштината на правото на употреба на албанскиот јазик, туку анализира конкретни законски одредби низ призма на правната сигурност и уставноста.
– Правната сигурност како фундаментален принцип на владеењето на правото налага во правниот промет да бидат јасни и прецизни норми. Не значи дека суштината на Законот за употребата на јазиците е неуставна, туку би се отсраниле неуставните одредби, на пример „и други институции“, „како сите други органи тела“ и „други институции“, „како и во други области“, „како и сите други институции“. Во правото не постои вакво нешто, не постои закон во кој ќе најдете „како и во сите други области“, зашто тогаш ќе имаме некој што е арбитер, тој да одлучува кој се тие области. На пример употребата на албанскиот јазик во градинка – ако тоа значи масакрирање, значи тоа е лага, невистина – нагласи претседателот на Судот.
Костадиновски посебно се повика на мислењето на Венецијанска комисија, оценувајќи дека во јавноста селективно се користат делови од препораките.
– Мислењето на Венецијанската комисија е многу важно за нас. Уставниот суд секојдневно носи одлуки базирајќи се на меѓународни стандарди и општо прифатени норми на меѓународното право. Лицемерие е од мислењето на Венецијанската комисија да се селектира тоа што ни одговара, а тоа што не ни одговара да не се истакнува. Комисијата е многу јасна, во споредба со законот од 2008 година, овој закон значително го зголемува опсегот на употребата на албанскиот јазик и тоа е за пофалба. Но, истовремено вели и дека во сегашни околности, доколку законот се спроведе во целост, значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, а со тоа би се појавил и ризик од сериозно нарушување на правото на правично судење – рече Костадиновски.
Тој додаде дека Венецијанската комисија нотирала и дека законот содржи „многу нејаснотии во однос на неговото значење и опсег“, а Уставниот суд има обврска да интервенира секогаш кога постојат нејасни и непрецизни норми што можат арбитрарно да се применуваат.
Во врска со укинувањето на т.н. „балансер“, Костадиновски оцени дека новото законско решение претставува значително подобар концепт, бидејќи покрај соодветната и правичната застапеност ги афирмира и принципите на стручност и на компетентност.
– Суштината на законот е што операционализацијата на соодветната и правична застапеност сега е со закон, а не со подзаконски прописи. Уште поважно е што покрај соодветната и правична застапеност се операционализира уште една уставна вредност, стручноста и компетентноста, односно мерит-системот. Кога тие две уставни вредности ќе се спојат, тогаш имаме добар закон. Граѓаните ќе имаат многу постручна и покомепетентна и плус правично застапена јавна администрација – изјави Костадиновски.
Осврнувајќи се на имплементацијата на одлуките на Уставниот суд, Костадиновски истакна дека со новиот акт на Судот се воведени значително посилни механизми за следење на нивното извршување.
– Ако утврдиме дека некој орган не ја почитува одлуката, ќе направиме посебен извештај и ќе го известиме Јавниот обвинител, затоа што непочитување на одлука на Уставен суд е кривично дело и тоа квалификувано со 10 години затвор – потенцираше претседателот на Судот.
Во врска соизмените на Кривичниот законик, тој оцени дека државата во краток период создала дури „5 правни режими“ за едно чувствително кривично дело, што според него претставува сериозна повреда на правната сигурност и на владеењето на правото.
– Ние во Уставниот суд често велиме дека честите промени на законите се тешка повреда на правната сигурност и на владеењето на правото. Имавме еден правен режим, потоа катастрофални измени и дополнувања, па нашата постапка, па нови измени, па можност за уште едно решение. Пет правни режими од 2023 година до денес за една чувствителна област. Ако интервениравме и не ја запревме постапката ќе создадевме правна празнина и ќе немаше кривично дело. Тоа ќе беше повик за општ грабеж – рече Костадиновски.
Тој говореше и за потребата од уставни измени, улогата на Уставниот суд во правниот поредок, политичките притисоци врз институцијата, како и за предметот поврзан со членот 218 и долговите на јавните претпријатија. Оцени дека иако Уставот дава доволна рамка за функционирање на државата, постојат повеќе слабости и недоречености што во иднина треба да бидат надминати.
Тој посочи дека Уставниот суд преку својата пракса ја дава содржината на темелните вредности на уставниот поредок.
– Ако Уставниот суд во кој било случај на кој било начин го толкува плурализмот или социјалната правда или не знам правото на животна средина, владеење на правото, поделбата на власта, која било од овие, тоа е веќе задолжително за сите органи и за Собранието и за судовите – изјави Костадиновски.
Тој наведе дека во Уставот постојат и конкретни „уставни празнини“, посочувајќи го примерот со т.н. „џебно вето“ на претседателот на државата, како и можноста за автентични толкувања, кои според него претставуваат „рецидив од претходниот систем“.
– Автентичните толкувања се многу опасна работа. Правниот ефект на автентичното толкување е ретроактивен, кога ќе се даде автентичното толкување како треба да се толкува тој и тој член во тој и тој закон, тоа важи дека тој треба да се толкува така од денот кога е донесен. Тоа е рецидив од социјализмот – изјави претседателот.
Осврнувајќи се на фактот дека државата сè уште нема Закон за Уставен суд, Костадиновски истакна дека институцијата функционира врз основа на само 6 уставни одредби и Актот на Судот, оценувајќи дека намерата на уставотворецот била да го заштити Судот од политички интервенционизам.
– Мислам дека овој Уставен суд во овој состав во изминативе две години навистина постапува како што го замислил Уставотворецот. Штом државните органи се нервозни и претставува проблем во нивната работа, тоа значи дека Уставниот суд добро си ја работи својата работа – изјави Костадиновски.
За предметот поврзан со долговите на јавните претпријатија, тој предупреди дека евентуалната одлука може да има сериозни последици врз државниот систем и економијата.
– Последиците од нашата евентуална одлука можат да бидат катастрофални, дури и од катаклизмични размери, бидејќи долговите на јавните претпријатија се околу една милијарда евра – истакна Костадиновски.
Тој нагласи дека државата мора да воведе финансиска дисциплина и да стави крај на неодговорното работење на јавните претпријатија.
– Не може јавните претпријатија да се однесуваат бахато и комотно, а приватни компании да пропаѓаат затоа што не можат да си ги наплатат долговите. Мора државата да најде некој начин како да се справи со ова или со партиската превработеност. За тие да земат плата, на пример, приватна компанија треба да пропадне, мора да се стави крај на ова – порача претседателот Костадиновски.
Претседателот ја нагласи потребата од воведување на уставна тужба, оценувајќи дека Македонија е единствена држава во Европа со толку ограничен опсег на непосредна уставно-судска заштита.
Костадиновски зборуваше и за новата иницијатива поврзана со платите на судиите, при што рече дека е разочаран од барањата повторно да се интервенира во законското решение што Судот претходно го оживеал.
– Ме разочара, сега ќе ви кажам од кој аспект. Ние кога ја носевме одлуката за платите на судиите секако дека имавме предвид што ќе значи тоа за Буџетот, намерно ја запревме постапката за законот кој сега повторно е оспорен со нова иницијатива, за да можеме со поништувањето на новиот закон да ја вратиме во живот. За платите на судиите да бидат достоинствени. И што ме разочарува? Сега се оспорува тој закон што ние го оживеавме, односно сакаат да се врати претходниот закон, што тоа би значело. Ако хипотетички Уставниот суд интервенира во овој закон сега што ни го оспоруваат, тогаш платите на основните судии на апелационите судии, односно коефицинетот на платите ќе дојде на нивото на претседателот на државата, на премиерот на државата, на спикерот, дали е тоа реално? Не е – рече Костадиновски.