МИНИСТЕРСТВОТО ПРЕГОВАРА СО СТУДЕНТИТЕ ЗА НОВИОТ СТУДЕНТСКИ ОБРОК Европскиот извештај ги потврдува реформите во образованието и науката

Се подготвува нов систем за користење на субвенцијата за студентски оброк, по примерот на Словенија. Министерката Весна Јаневска очекува договор со студентите.

0

Министерството за образование и наука преговара со студентите за нов систем на субвенциониран студентски оброк, кој треба да овозможи средствата да се користат за поздрава исхрана. Министерката Весна Јаневска изјави дека разговорите продолжуваат и дека очекува заедничко решение, како при претходните преговори.

– Ги чекаме нивните одговори и продолжуваме со цел да го смениме системот за правилно користење на субвенцијата, за користење на субвенцијата на здрав студентски оброк – изјави Јаневска.






Таа објасни дека извештаи изработени во соработка со странски партнери покажале дека дел од студентите не ја користат субвенцијата за здрава исхрана.

Студентскиот оброк може да порасне од 3.500 на 4.500 денари месечно. Владата веќе предложи нов модел, со посебна услуга „М студентски оброк“ во апликацијата „М-услуги“. Студентите би купувале храна во ресторани, пекари и маркети, наместо да ги користат сегашните картички.

Иницијативата за промени дошла и од студентските здруженија, кои побарале решение слично на словенечкиот модел.

– Ние ќе се обидеме во најдобри можни услови, оти не сме Словенија, да го направиме тоа така како да им соодветствува – рече министерката.

Јаневска потсети дека и премиерот Христијан Мицкоски разговарал со студентите за ова прашање.

На денешната панел-дискусија во Владата, посветена на извештајот на Европската комисија за 2026 година, Јаневска изјави дека европските институции го препознале напредокот во образованието и во науката.

– Пред две ипол години реков дека треба да го запреме слободниот пад на образованието, затоа што тоа беше реална ситуација. Тоа го направивме – рече Јаневска.

Taa се осврна на законските рамки донесени во изминатиот период како што се Стратегијата за образование 2026-2032 и Стратегијата и Акцискиот план за смарт специјализација кои, како што вели министерката, се од исклучително значење за развој на економијата.

– И, што е важно, многу забрзано ги исполнуваме чекорите. Од новиот Акциски план имаме остварено над 75 отсто од она што сме го предвиделе. Многу е значаен и Законот за образование на возрасни. Изградивме систем за доживотно учење на возрасни кој на земјата и е неопходен и веќе Центарот за образование на возрасни почнува да функционира оптимално. Она што сме го имале како визија, се покажува дека е функционално – посочи министерката Јаневска.

Според министерката, извештајот ги истакнува реформите во стручното образование, инклузијата и дигитализацијата. Таа наведе дека над 70% од средношколците се запишуваат во стручно образование, а една третина од нив во дуални паралелки.

Во практичната настава се вклучени над 1.000 компании, а функционираат 8 регионални центри за стручно образование. Повеќе од 700 наставници поминале обука за користење вештачка интелигенција.

– Не  ја запоставуваме ни вештачката интелигенција. Повеќе од 700 наставници веќе поминаа обука за да можат да ја користат во училиштата, а веќе следниот месец нова група наставници ќе оди на обука, за да постигнеме квантум на наставници кои ќе можат да го шират знаењето и да се направи мрежа за употреба на вештачка интелигенција – додаде министерката.

Јаневска посочи дека Европската комисија забележала напредок и во науката, особено со формирањето на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.

Во следниот период Министерството планира донесување три закони: за високото образование, за научноистражувачката работа и за квалитетот во високото образование. Целта е универзитетските студиски програми да се усогласат со европските стандарди.

Поврзани содржини