ДИМИТРОВСКА НЕГИРА ДЕКА СО ОСОМНИЧЕНИОТ КОМУНИЦИРАЛА ЗА „АДИТИВ“ Претседателката на Антикорупциска водела пријателски разговори
Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, соопшти претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска негира дека му одавала службени тајни на осомничен во „Адитив“, како што ја сомничи Јавното обвинителство, кое отвори дополнителна истрага против неа и две лица во овој предмет.
Димитровска тврди дека осомниениот ѝ е пријател и дека комуникацијата била исклучиво пријателска, а штом дознала дека за него е одреден притвор, комуникацијата престанала.
„Како Претседател на Државната комисија за спречување на корупција сакам да нагласам дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена“, се изјасни Димитровска преку соопштение за јавноста.
Сакам да ја информирам јавноста, додава таа, дека мојата комуникација со семеен пријател, кој
подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да почне постапката за него пред надлежното обвинителство.
„Од соопштението од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година или пред да му е изречена мерка притвор. По оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно“, вели Димитровска.
Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице, додава таа.
„Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите. Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност.
Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, соопшти денеска Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.