„LOUIS VUITTON“, „MOET“ И „HENNESSY“ ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ ВО САД? Милијардерот Арно прстот го впери кон ЕУ
Милијардерот Арно смета дека ЕУ е таа која мора да ја преземе одговорноста за изнаоѓање договор кој ги штити нејзините интереси без зголемување на царините.
Францускиот милијардер и најбогат човек во Европа Бернар Арно предупреди дека гигантот за луксузни стоки ЛВМХ (LVMH-Louis Vuitton Moet Hennessy) може да го префрли производството во САД во случај на трговска војна.
– Брисел ќе биде виновен ако се случи тоа – рече првиот човек на ЛВМХ за време на годишното собрание на акционери.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека ги суспендира царините за сите на 90 дена, освен за Кина. ЕУ веднаш ги паузираше своите контрацарини, изразувајќи надеж дека ќе постигне договор со Вашингтон во следните три месеци.
Арно смета дека ЕУ е таа која мора да ја преземе одговорноста за изнаоѓање договор кој ги штити нејзините интереси без зголемување на царините.
САД се главниот пазар за ЛВМХ, така што компанијата би била исклучително изложена на трговска војна меѓу Брисел и Вашингтон. Арно истакна дека доколку двете страни не постигнат договор, повисоките царини ќе ги принудат ЛВМХ и другите европски компании да го преселат бизнисот во САД.
– Ако Европа не може да преговара интелигентно, ќе има последици за многу компании, истакна тој.
Арно, кој присуствуваше на инаугурацијата на Трамп во јануари, го поддржа планот на американскиот претседател за намалување на даноците и бирократијата со цел да ги натера производителите да го преселат производството во САД. Денеска тој ја критикуваше ЕУ како „бирократска сила која си го губи времето издавајќи регулативи кои за жал се наметнати на сите земји-членки и кои ги казнуваат економските сектори“.
Тој потврди дека сака ЕУ и САД да воспостават „зона за слободна трговија“, идеја што веќе ја изнесе американскиот милијардер Илон Маск.