🎥 ОПШТИНА КАРПОШ ВОВЕДУВА РЕД НА ГРАДИЛИШТАТА Гасеничарите надвор од населбата!
Тешките багери уништуваат улици и тротоари, загадуваат и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Општина Карпош ќе бара нотарска изјава за користење само на мала механизација, со санкции за непочитување.
Општина Карпош донесе одлука според која во иднина нема да се даваат одобренија за градба на индивидуални објекти доколку инвеститорот и изведувачот претходно не потпишат нотарски заверена изјава со која се обврзуваат дека нема да користат тешка градежна механизација, се вели во Фејсбук објавата на Општина Карпош.
Според новите правила, ќе биде забранета употребата на багери гасеничари со тежина над 25 тона, кои во досегашната практика предизвикуваа сериозни оштетувања на станбените улици, рабниците и тротоарите, овозможувајќи продор на вода и мраз што дополнително го уништува асфалтот.
Во иднина ќе биде дозволено користење само на багери со максимална тежина до 3,5 тона, како и камиони кипери чија носивост нема да ја надминува границата од 10 тона.
„Оваа мерка е резултат на неодговорното однесување на инвеститорите и на изведувачите, особено во зоните со индивидуално домување, каде тешките багери, покрај материјалните штети на патната и комунална инфраструктура, претставуваат сериозна опасност и за безбедноста на граѓаните и нивните имоти. Исто така, багерите гасеничари, поради нивните габарити и работата на нафта, се едни од најголемите загадувачи на животната средина. Граѓанинот инвеститор, правното лице или изведувачот, овие изјави ќе мора задолжително да ги потпишат пред да добијат правосилност на одобрението за градба. Доколку не се почитуваат овие одредби, инвеститорите и изведувачите ќе се соочат со последици, вклучително и поништување на градежната дозвола и ставање на ‘црна листа’ на Општина Карпош, со што во иднина нема да им бидат издавани нови дозволи за градење на територијата на оваа општина“, информираше Општина Карпош.