ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВУВА РЕОРГАНИЗАЦИЈА НА „ДРИСЛА“ И РЕЦИКЛАЖЕН ЦЕНТАР Ако нема државни пари, Град Скопје ќе бара јавно-приватно партнерство

Градоначалникот вели дека за реорганизацијата на депонијата и изградбата на рециклажен центар разговарал со премиерот. Ако не се обезбедат средства, како алтернатива најавува јавно-приватно партнерство.

0

Депонијата „Дрисла“ и изградбата на рециклажен центар ќе бидат меѓу главните приоритети на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во наредната година. Најавата отвора прашање што градот одамна мора да го реши: како отпадот да престане да биде само товар и да се претвори во ресурс.

Ѓорѓиевски вели дека за реорганизацијата на „Дрисла“ разговарал во неколку наврати со претседателот на Владата, а во план е да се обезбедат средства за модернизација на депонијата и создавање рециклажен центар. Доколку не се обезбедат пари, како алтернатива ја најавува можноста за јавно-приватно партнерство.






– Она што ми е сериозен фокус за наредната година е депонијата „Дрисла“, која според мене, но и според нашите сограѓани, не ги задоволува стандардите за тоа како треба да изгледа една современа депонија – изјави Ѓорѓиевски.

Како пример за решение кон кое треба да се стреми Скопје, градоначалникот го посочи системот во Љубљана, каде што управувањето со отпадот е организирано на начин што, според него, треба да послужи како модел за промени во главниот град.

– Фасциниран сум од системот во Љубљана и од тоа како е уредено таму. Разговаравме во неколку наврати со претседателот на Владата околу обезбедување средства за реорганизација на депонијата „Дрисла“ и создавање рециклажен центар таму – рече Ѓорѓиевски.

Планот, според најавата, е отпадот да се преработува и да се добиваат енергенси, односно гориво што Град Скопје би можел да го продава. На тој начин, депонијата би можела да стане и извор на приходи, наместо да претставува исклучиво трошок за градот.

Сепак, реализацијата на проектот ќе зависи од обезбедувањето финансиски средства и од изборот на моделот за негово спроведување. Ѓорѓиевски најави дека, доколку не се обезбедат потребните пари, ќе се пристапи кон разгледување јавно-приватно партнерство.

– Доколку не обезбедиме средства, а тоа сум го кажал и во кампањата, тогаш ќе преминеме кон чекорот на јавно-приватно партнерство. Нема да бидам градоначалник кој на крајот на својот мандат ќе им каже на граѓаните. Повторно не успеавме во овие четири години – порача тој.

Градоначалникот нагласи дека Скопје мора да се насочи кон современи методи за управување и преработка на отпадот, оценувајќи дека граѓаните заслужуваат поефикасен систем.

– Имам одговорност пред скопјани и тие заслужуваат да се стремиме кон современи механизми и начини на функционирање и преработка на отпадот – истакна Ѓорѓиевски.

Најавата за реорганизација на „Дрисла“ е амбициозна, но нејзината вистинска вредност ќе се мери со конкретни чекори: обезбедени средства, јасен проект, рокови и избран модел за реализација. Дури тогаш ќе стане појасно дали Скопје навистина е на пат кон современо управување со отпадот.

Поврзани содржини