МАКЕДОНИЈА2025 ДОДЕЛУВА 20 СТИПЕНДИИ Отворен повик за камп за високотехнолошка извонредност во Охрид
Македонија2025 отвори повик за доделување 20 стипендии за петтиот по ред Охрид камп за високотехнолошка извонредност, предвиден да се одржи од 13-17 јули 2025 година во Охрид.
Кампот за високо-технолошка извонредност е еднонеделна програма за напредни вештини по роботика и кодирање, кој и овој пат ќе содржи комбининација на традиционална летна забава со можност за учење, заедничко вежбање и споделување на искуства за кодирање и роботика.
– Преку посветеност и натпревар на идеи, фокус на решавање проблеми, чувство на акција, размислување out-of-the-box и тимска работа ќе ги охрабриме и поттикнеме учесниците да постигнат мотивирачки резултати и да креираат прототип на производ/идеја – велат од Македонија2025.
Воден од Академијата за роботика и иновации и STEM Robotika Кочани, во партнерство со Young Engineers Skopje, кампот содржи глобално признати LEGO® Education Technology и STEM програми со израелска лиценца што се користи во над 50 земји. Учесниците ќе се вклучат во практично учење, програмирање на компонентите FABLE предводени од Brainster и справување со предизвиците од реалниот свет инспирирани од Целите за одржлив развој на Обединетите нации (SDGs). Овогодинешната тема, FIRST® LEGO® League – FIRST® DIVE℠: SUBMERGED℠, се фокусира на истражување на океаните. Тимовите ќе создаваат иновативни решенија за почисти, поздрави океани, истовремено поттикнувајќи лидерство, тимска работа и упорност – подготвувајќи ги да бидат следната генерација на решавачи на проблеми и иноватори.
– Убавината на овој проект е дадената можност да се запознаат и соберат млади луѓе со македонско потекло и млади од нашава земја, да воспостават долготрајни пријателства, да ја зајакнат и да ја градат својата родна македонска култура, преку подобрување на нивното познавање на јазикот, истражување на природата и културното наследство и доживување на македонската кујна и специјалитети. Особено сме среќни што изминативе години успавме да имаме учесници од САД, Канада, Словенија, Хрватска, Германија, Катар, Австрија, Данска, Кипар, Шведска, и др, но искрено се надеваме ќе успееме да привлечеме и учесници од другите земји од светот – велат од Македонија2025.
На повикот може да се пријават деца кои се на возраст од 11-15 години, заинтересирани за стекнување и надоградување на знаењата и вештините и секако имаат желба и интерес да учат програмирање, кодирање и роботика.
Предност имаат деца врз основа на нивниот социо-економски статус за кои се доделуваат целосни стипендии.
– Нашата еднонеделната авантура е за сите деца од Македонија, како и за деца од дијаспората со македонско потекло. Ќе комуницираме на англиски и македонски јазик со цел да се поттикне комуникацијата и социјализацијата помеѓу учесници од различни држави, учење на различни култури, размена на идеи и градење на интернационални пријателства, ќе ја усовршиме примената и на двата јазика – додаваат од Македонија2025.
Новина оваа година е што Академијата за роботика и иновации и СТЕМ Роботика Кочани ќе додели годишна стипендија на национално ниво за нејзините програми за учесници од Македонија. Ќе бидат доделени специјални награди за признавање на знаењето и достигнувањата на учесниците на натпреварите во FIRST LEGO League, во чест на нивната посветеност на образованието и иновациите на STEM.
Повеќе за Кампот, начинот на аплицирање и потребна документација: https://macedonia2025.com/open-call-for-scholarships-for-the-ohrid-hi-tech-excellence-camp-2025/
На следниот линк можете да ги осознаете импресиите на нашите поранешни учесници: https://www.youtube.com/watch?v=ELahdUgnuxM&list=PLj9OcPCGo_tBSrRg05cZfd3AsQDPU-7VF&index=5&t=144s
Охрид камп за високотехнолошка извонредност, во изминатите години, е под покровителство на Претседателот на РСМ.
Повикот е отворен до 14 април 2025 година.