КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА КАТАСТРОФАЛНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ И ЗА ЃУБРЕТО ПО УЛИЦИТЕ? Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за Данела, a неа мува не ја лази
СДСМ за сите зла во Скопје ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска, а ВМРО-ДПМНЕ тврди дека таа, ДУИ и СДСМ се во колаиција за бизнис интереси.
Извештајот на Европската комисија, кој покажа дека само 47 отсто од жителите на Скопје се задоволни од јавниот превоз во градот, при што од скопјани понезадоволни се само жителите на Никозија, Белград, Подгорица, Тирана и на Рим, предизвика полемика со партиски соопштенија.
ВОЗЕЊЕТО СО АВТОБУС Е КОШМАР ЗА МНОГУМИНА Јавниот превоз во Македонија меѓу најлошите во Европа
Кој е виновен што имаме еден од најлошите јавни превози во Европа?
Опозицискиот СДСМ соопшти дека извештајот на ЕК го потврди тоа што граѓаните на Скопје секојдневно го чувствуваат. „Јавниот превоз во Скопје е катастрофален, најлош во Европа„, велат од СДСМ.
Бихаќка о бвинува дека локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска успеале да го донесат Скопје на дното во Европа и во делот на транспортот и во секој можен поглед.
„Наместо да вложуваат во подобрување на услугите и модернизација, како што ветуваа, сведоци сме на епско потфрлање и тотален хаос во сообраќајот, што директно ги погодува жителите на Скопје. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ намерно не гласаа за набавка на нови автобуси, Владата не презема ништо. ВМРО-ДПМНЕ бездушно ги остави скопјани да се справуваат со хаосот секој ден, само заради тоа што им пропаднаа бизнис зделките со Арсовска“, се вели во соопштението на СДСМ.
Единствен виновник за хаосот со јавниот превоз во Скопје е Данела Арсовска, во коалиција со СДС и ДУИ, возврати ВМРО-ДПМНЕ.
„Одамна е демаскирана коалицијата на Арсовска со СДС и ДУИ. Коалицијата Арсовска, СДС и ДУИ, од свои лукративни причини, го предизвикуваат уништувањето на Скопје. Сите кадри именувани од Арсовска се функционери блиски до структурите на СДС и на ДУИ. Арсовска е градоначалник и единствено одговорна за хаосот во Скопје. Арсовска е единица мерка за неспособност и криминал“, се вели во соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата потсетува дека единствената работа на Арсовска е да го чисти ѓубрето од улиците и да обезбеди ефикасен јавен превоз, но и овие две работи таа не може и е неспособна да ги прави.
„Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси Скопјани од маките во кои самата ги втурна. ВМРО-ДПМНЕ има јасен план, програма и визија за развој на општините. Град Скопје и општините ќе добијат 250 милиони евра за инфраструктурни проекти. Никогаш претходно немало во толку голем обем вложувања секаде и за сите како сега со владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.