ДРАЧЕВО ЌЕ ДОБИЕ НОВО УЧИЛИШТЕ ПОСЛЕ 100 ГОДИНИ Општините ќе добијат 6 милијарди денари со ребалансот
Граѓаните во Драчево ќе добијат ново училиште после 100 години, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски при поставувањето на темелите на новата градба за ОУ „Свети Климент Охридски“ во Драчево, Општина Кисела Вода.
– Стариот објект е стар точно 100 години. Јас би сакал да посакам многу деца да го користат овој нов објект, бидејќи децата се нашата иднина и сè што правиме во нашите животи правиме за дечињата, да бидеме горди на тие што ќе нè наследат. Би сакал да напоменам дека инвестицијата е поголема од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет. Јас му честитам и на градоначалникот што ги подготви документите и сето она кое беше неопходно да биде подготвено– рече тој.
Премиерот најави дека новата влада продолжува да работи офанзивно, со жестоко темпо на реализирање на ветувањата.
Мицкоски додаде дека синоќа доцна имал состанок со министерката за финансии, дека се подготвува ребаланс на буџетот и дека во него ќе бидат обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините.
– Тоа е малку повеќе од тоа што планиравме, бидејќи цениме дека огласот би бил некаде во август за општините, а веќе од септември да почнат тендерите за градба, за да се фати есенската градежна сезона. Иако тоа претставува една третина од годината, средствата се малку повеќе од една третина. Од оние 15 милијарди кои ги предвидуваме од буџетот за реалокација кон општините, не се пет милијарди, туку се шест милијарди денари – рече Мицкоски.