НИКОЈ НЕ ГИ ПРАШУВА ПОЛИТИЧАРИТЕ КОГА ГОРДО СЕ СЛИКААТ ВО ЛАС ВЕГАС Горан Стоименов од АПИС вели дека игрите на среќа не можат да бидат алиби за општествените девијации

Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ и сметаме дека со нашето практично искуство можеме да дадеме свој придонес во еден широк консултативен процес во кој ќе учествуваат сите засегнати страни и конечно ќе се дојде до законски решенија кои ќе дадат одговори за грижите на граѓаните, наместо да создадат хаос и безредие со крајно штетни последици, кои многу тешко ќе се санираат, вели Горан Стоименов, претседател на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).

447

Законот за игри на среќа неодамна не помина во Собранието со што заврши процедурата за негово носење. Законот доби поддршка од 51 глас и не беа исполнети условите да се усвои во Собранието. Со тоа пропаднаа обидите измените да се донесат со европско знаменце и без стручна дебата, како што предупредуваа приредувачите на игрите на среќа.

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ подолго време предупредуваа дека ако се донесе овој Закон ќе стави клуч на вратите на обложувалниците и дека ќе остави 10.000 луѓе на улица, а во буџетот ќе скуси прилив од повеќе од 280 милиони евра годишно. На оваа тема зборува Горан Стоименов, претседател на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).






Дали неизгласувањето на измените на законот за игри на среќа со потребното мнозинство го сметате за победа?

– Нема никаква основа за триумфализам, ниту сметаме дека има аргументи за поделба на победници и поразени. Укажавме признание на сите пратеници кои не гласаа за скандалозните и противуставни измени на Законот за игри на среќа после одлуката на Претседателот на Републиката да не го потпише указот за нивното стапување во сила. Покажаа дека имаат слух за нашите аргументи, го заштитија Уставот и спасија илјадници работни места. И покрај агресивната долготрајна негативна кампања против игрите на среќа, предизборните притисоци, останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација со европското законодавство. Упативме благодарност до официјалните претставници на ЕУ кои доблесно укажаа дека нема да премолчат злоупотреби кои нанесуваат директна штета на европските демократски вредности, чија имплементација во нашето општество на сите нивоа е клучна за исполнување на стратешките цели за полноправно членство во европското семејство.

Не знам дали забележувате, но постои една фрустрација во општеството дека надлежните институции се слаби пред моќта со која располагаат приредувачите на игрите на среќа, кои секогаш наоѓаат начин да ги заштитат своите бизнис интереси?

– Внимателно ја следиме дебатата од секој агол и може да оцениме дека постои една тенденција да се создаде перцепција дека приредувачите на игри на среќа се имуни на негативната кампања која се води против нас, веќе неколку години, секојдневно и без престан. Тоа, воопшто не е точно. Многумина од вработените во овој сектор се родители на малолетни деца и воопшто не се чувствуваат пријатно кога најрадикалните противници на игрите на среќа оценуваат дека објектите се закана за младината. И никој не си го поставува прашањето, на кој приредувач на игри на среќа му се потребни млади гости? За да го трошат џепарлакот што им го даваат родителите? Зарем некој верува дека игрите на среќа можат или сакаат од нив економски да опстојуваат? Како што никој не ја отвора дилемата зошто нашите сограѓани, важи и за политичарите, кога ќе отидат на туристички посети на Монако или Лас Вегас, гордо се фотографираат како гости на нивните казина? Зошто таму е „ин“ да играш игри на среќа, а во Македонија треба да биде „ерес“?

Дали во Македонија постои барем еден случај каде некој е присилен, спротивно од неговата волја, да игра игри на среќа? Зошто логиката за предизвикување на наводна зависност од објектите за игри на среќа не важи и за кафулињата, кафеаните и тобаката? Каде во Европа зависноста од алкохол или никотин се решава со радикално затворање на секторите кои се занимаваат со продажба на акцизни стоки? Едноставно, игрите на среќа не може да бидат алиби за општествените девијации. Сите кои тоа го пропагираат се лажат себеси и спречуваат низ сериозна инклузивна експертска дебата да се постигнат системски решенија.

Често се служите со аргументите дека овој сектор обезбедува 280 милиони евра годишно приход во централниот буџет и вработува околу 10 илјади луѓе, што е секако позитивен аспект, но што со негативните искуства?

– Јавноста треба да се потсети на аферата „Детонатор“ кога во 2011 на истокот на земјата беа запленети 1.500 нелегално поставени покер апарати. Само тој пример е доволен да ја поткрепи аргументацијата дека затворањето на легалните објекти по автоматизам ќе предизвика играње на црно, по подруми како во 90-те години. Игрите на среќа постојат откако постои цивилизацијата. Повозрасните паметат времиња кога на Камениот мост во Скопје случајни минувачи си ја искушуваа среќата на кибритчиња.

Што е подобро за младите, државата да има целосна строга контрола на приредувачите или играње да се одвива на диво, без лиценци и контрола? Имаме и компаративни искуства од соседни земји кои сите треба да ги земеме предвид. Одлуката на Албанскиот парламент да ја укине забраната за приредување игри на среќа од 2019, треба да биде поука за сите домашни политички фактори. Особено што оваа одлука во Албанија беше донесена на предлог на Европската комисија, со цел справување со дивите играчници што никнале на нивната територија за време на забраната, враќање на буџетските приходи од игрите на среќа и обезбедување на транспарентност во овој економски сектор. Процесите во Албанија, Лихтенштајн и Грција ги рушат тезите на домашните критичари на игрите на среќа. Албанија не е единствената земја која треба компаративно да се анализира по прашањето на односот на државни институции кон секторот игри на среќа. Имено, на 29 јануари 2023, на референдум организиран од Кнежевството Лихтенштајн, 72% од нивните жители со одлучно гласање против ја отфрлија иницијативата за затворање на тамошните казина. И во Грција беа забранети игрите на среќа. Кога грчките власти увидоа дека меѓу 3 до 5 илјади Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36 илјади апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата.

Како ги коментирате тврдењата дека кај нас се зголемува бројот на зависници од игрите на среќа, и тоа кај женскиот пол?

– Во недостиг на релевантни домашни официјални истражувања, може да направиме компарација со соседите. Така, на пример српски „Блиц“ во февруари објави анализа за состојбата во соседна Србија каде нивната статистика покажала дека се неточни бројките за нивниот број на зависници од игрите на среќа, кои ги пласираат најрадикалните противници на овој економски сектор. Како и кај нас, така и кај нашиот северен сосед е отворена дебатата колку игрите на среќа создаваат зависност и во колкав обем. Тамошните критичари на игрите на среќа оперираат со повеќе од 100 илјади зависници на 9 милиони жители во Србија. Врз основа на прецизните податоци на српските медицински експерти и нивните надлежни установи кои се занимаваат со третирање зависности, вкупниот број зависници таму не надминува повеќе 1.030. Согласно овие податоци Србија е под европскиот просек по бројот на зависници. Според статистиката на Специјалниот Завод за лечење зависности во Белград, најрелевантна институција за оваа проблематика, со проблеми со зависност од игри на среќа годишно се пријавуваат за помош од 150 до 200 луѓе. Тоа е 0,02% од вкупниот број на жители, а европскиот просек е 1,5%. Како и кај нас така и таму на малолетниците им е строго забранет пристап до објектите за игри на среќа. За онлајн игрите на среќа е предвиден систем за регистрација и верификација на играчите за да спречи пристап на малолетници до овие платформи. Индикативно е што во ноември 2023 во Србија е спроведено истражување на 1.100 испитаници од организацијата „Солидарност за децата“ и податоците покажале дека 0,6% од малолетниците на возраст од 13 до 17 години имале контакт со игри на среќа. Но, ниту еден од нив не влегол физички во објекти за игри на среќа, туку се претпоставува дека контактот го оствариле преку интернет, злоупотребувајќи го идентитетот на полнолетни лица од нивното поблиско опкружување. Речиси сум убеден дека ситуацијата е многу слична и кај нас.

Ќе се согласите дека без разлика колкав е бројот на зависници од игри на среќа кај нас, недозволиво е овој проблем да се игнорира?

– Апсолутно. Ние не го игнорираме. Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), која ги застапува дел од организаторите на игри на среќа во автомат клубовите и казината во Северна Македонија, кои се всушност претставници на капитал на земја членка на ЕУ, веќе неколку години води активна кампања на повеќе интернет портали со слоганот „100% законски – СТОП за малолетници“. Не постои записник на надлежните државни институции со кој е констатирано присуство на малолетни лица во било кој од објектите кој се во надлежност на АПИС. Тоа е потврда дека станува збор за општествено одговорни компании кои во целост ја почитуваат постоечката регулатива.

Истовремено, согласно највисоките светски стандарди, во нашите објекти е обезбедена постојана поддршка од страна на дежурен психолог за секој играч кој евентуално ќе почуствува зависност од игрите на среќа, да може веднаш да го контактира. Според последните наши истражувања, во Северна Македонија само 3% од полнолетната популација посетува автомат клубови и казина, кои припаѓаат на европската група на таканаречени традиционални играчи кои претходно си ја пробувале среќата во западните земји.

Што мислите дека е решение после неизгласувањето на последната верзија на законски измени?

– После ваков развој на настаните, сакаме да упатиме апел до сите политичари кои активно учествуваат во предизборната кампања. Ставањето на овој економски сектор во дневно политички контекст никому не оди во прилог. Погрешен е впечатокот дека ние однапред сме против законски измени, туку сме против популистички, политички и бизнис мотивирани одлуки кои практично се косат со Уставниот поредок. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ и сметаме дека со нашето практично искуство можеме да дадеме свој придонес во еден широк консултативен процес во кој ќе учествуваат сите засегнати страни и конечно ќе се дојде до законски решенија кои ќе дадат одговори за грижите на граѓаните, наместо да создадат хаос и безредие со крајно штетни последици, кои многу тешко ќе се санираат.

Поврзани содржини