ИЗГЛАСАН И ЗАКОНОТ ЗА КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ Пратениците „штанцаат“ закони по скратена постапка
Во рамки на 143 седница помина и Предлог законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, по скратена постапка. Владата соопшти дека „со изгласувањето на овој закон се дава зелено светло за воведување на дополнителен антикорупциски механизам во нашето законодавство, со цел да се постигнат поголеми резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, односно поефикасно справување со неказнивоста и нелегалното стекнување имот.“
Собранието на Република Северна Македонија попладнево одржа продолженија на неколку седници при што беа изгласани повеќе закони.
Во рамки на 129 седница беше усвоен Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка со 64 гласа „за“, без ниту еден против и воздржани, како и со гласовите на 25 пратеници од немнозинските заедници. Со тоа беа исцрпени сите точки на дневен ред на оваа седница.
Во рамки на 138 седница денеска помина во прво читање Предлог законот за правда на децата, а во рамки на 131 седница беа изгласани измените на Законот за авторско право и сродни права.
На продолжението на 125-та седница беа донесени измените на Законот за хартии од вредност, по скратена постапка по што претседателот на Собранието Јован Митрески ја прекина работата, а продолжението најави дека ќе биде дополнително закажано.
Претходно, попладнево во рамки на 145. седница Собранието го изгласа Абдуш Демири за член на Државната изборна комисија со што се комплетираше составот на Државната изборна комисија. ДИК повеќе месеци беше без седмиот член, откако Кренар Лога стана министер за правда.
Во рамки на 143 седница помина Предлог законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, по скратена постапка, кој беше подготвен на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
„Со изгласувањето на овој закон се дава зелено светло за воведување на дополнителен антикорупциски механизам во нашето законодавство, со цел да се постигнат поголеми резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, односно поефикасно справување со неказнивоста и нелегалното стекнување имот.
Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка има за цел заштита на јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што се оневозможува каква било корист од имот, за кој, во постапката согласно овој закон, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Со овој закон се ограничува правото на сопственост во согласност со Уставот, законот и меѓународните стандарди и праксата на ЕСЧП за овој вид на конфискација.
Овој закон не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам. Особено е важно што со законот се предвидува можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјалните потреби и цели во општеството“ – соопшти Владата.