ЌЕ СЕ ИСКЛУЧИ ЦЕНТРАЛАТА ТЕ-ТО ЗАШТО Е РУСКА ИНВЕСТИЦИЈА Ќе го замени централата на грчки „Митилинеос“ за 5 години
Вицепремиерот Фатмир Битиќи очекува овој енергетски проект да биде заменет со новата когенеративна централа која треба да ја гради грчи „Митилинеос“, а која има бурни реакции од експертската јавност.
Владата од стратешко безбедносни причини планира да ја исклучи од енергетскиот систем когенеративната централа „Те-То“ откако ќе биде изградена новата централа на грчкиот инвеститор „Митилинеос“.
Ова на денешниот брифинг со новинарите го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пренесе порталот Фактор.
– Централата Те-То ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе започне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од нив – рече Битиќи.
„Митилинеос“ ќе треба да ја изгради централата за 5 години и се очекува покрај електрична енергија, да произведува и топлинска енергија која што би била за 40 отсто поевтина.
Струјата што би ја продавал „Митилинеос“ на ЕСМ би била само 5% пониска од берзанската.
Според Битиќи, Те-То треба да се затвори од стратешко безбедносни причини и покрај тоа што оваа компанија многу помогна со своето работење во енергетската криза.
Владата на новиот инвеститор кој треба да ја гради когенеративната гасна централа на просторот на Железарницата му дава низа погодности, што беше повод за реакција на експертската јавност која бара енергетските капацитети да ги гради државата.