ПОЧИНА АЛЕКСАНДАР ДИНЕВСКИ – ДИНКА Беше долгогодишен разузнавач и еден од легендарните „Осумтемина од МВР“
При распадот на Југославија „Осумтемина“ успеале да ја одземат воената евиденција на ЈНА со што спасиле многу млади Македонци од присилна регрутација.
Почина Александар Диневски, поранешен контраразузнавач и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во јавноста стана познат како дел од таканаречените „осумтемина“, од последните години пред распадот на екс-Југославија, настан со кој се навести демократизацијата во Македонија.
Диневски беше еден од осудените во аферата „Шпион“, која до денеска ја следат бројни контроверзи и сè уште нема правосилна пресуда.
Речиси целиот свој работен век Диневски го поминал како дел од безбедносните служби во Македонија, пред се во Службата за државна безбедност. При распадот на Југославија, заедно со уште седум други колеги успеале да ја одземат воената евиденција на ЈНА и територијалната одбрана, со што спасиле многу млади Македонци од присилна регрутација и испраќање на бившојугословенските фронтови.
Во 90-тите години Александар Диевски беше дел од информативниот центар на партијата ВМРО-ДПМНЕ, познат како КСИО.
Говорејќи за својот професионален ангажман, во една статија објавена неодамна, Диневски рече дека дводеценискиот демократски амбиент во кој живее земјата не променил ништо во функционирањето на безбедносниот систем, кој според него во многу сегменти сè уште функционира според старите методи и принципи наследени од периодот на едноумието.
Александар Диневски, откако се повлече од безбедносните служби, отвори сопствена приватна детективска агенција со која беше активен.
За смртта на Диневски веста брзо се прошири преку социјалните мрежи, каде тие што го познаваат се простуваат од него.
„Уште една жртва на „Шпион“, по татко му и брат му, замина и Александар Диневски – Динка. Слава му!“, напиша новинарот Зоран Божиновски.