📷 ГРАЃАНИТЕ ДРЕМАТ СО ЧАСОВИ НА АВТОБУСКИТЕ, АВТОБУСИТЕ ЛЕЖАТ СО МЕСЕЦИ НА ТРУПЦИ ВО ГАРАЖИТЕ Нема гуми, нема сијалици, нема вработени – нема што нема во ЈСП Скопје
ЈСП Скопје нема набавено гуми што треба да се монтираат на автобусите, па поради тоа некои од автобусите се поставени на трупци во гаражите. За ова сведочат фотографиите што ги доби нашата редакција во текот на вчерашниот ден.
Нема гуми, нема дизни, нема сијалички, нема автобуси, нема редовни плати, нема возачи. Од сето ова може да се заклучи дека нема што нема во ЈСП Скопје.
Според информациите до кои дојде Плусинфо во разговор со повеќемина вработени во ова јавно претпријатие, состојбата во ЈСП е повеќе од катастрофална.
Но, да почнеме со ред. ЈСП Скопје нема набавено гуми што треба да се монтираат на автобусите, па поради тоа некои од автобусите се поставени на трупци во гаражите. За ова сведочат фотографиите што ги доби нашата редакција во текот на вчерашниот ден.
– Повеќе од 30 автобуси не се во возна состојба затоа што немаат гуми. Паркирани се во гаражите на ЈСП и таму скапуваат на трупци. Некои, пак, паркирани се со месеци затоа што немаат светла, односно не се набавени сијалици. Ама затоа нивните гуми обично се монтираат на други автобуси. Што да ви кажам, голем хаос е – вели еден од нашите извори.
Вработените во ЈСП исто така се жалат дека не е изршена набавка на дизни, сијалички и на други делови, а поради кои повторно автобусите се паркирани во гаражите или се принудени да возат во неисправна состојба.
Но, проблемот за вработените во ЈСП лежи во тоа што возачите честопати си имаат проблем со полицијата доколку возилотош што го управуваат нема светла или нема трепкачи. А висината на казните не е воопшто наивна – казните се движат од 5.000 евра за правното лице и 500 евра за возачот на автобусот.
– Има периоди кога нема сијалици за светлосна сигнализација. Но принудени сме да возиме, бидејќи ни се закануваат со казна од плата, само за да нема застој во сообраќајот. Ние ризикуваме, што да правиме. Потоа нѐ казнува полиција, но казните ги плаќа ЈСП бидејќи возиме технички неисправни автобуси. Го чекаме денот кога полицијата ќе почне да нѐ казнува и за претовар, бидејќи некогаш се случува да не можеме вратите да ги затвориме од што се полни автобусите – ни посочува друг возач.
Полицијата не толерира – фрчат казни за неисправни автобуси
Ве информираме дека од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај, во периодот од 01.10.2023 до 21.12.2023 година, во тек на реализираните акциски контроли на вонреден технички преглед упатени се 15 автобуси сопственост на ЈСП Скопје. При извршената контрола констатирана е техничка неисправност кај четири автобуси и преземени се санкции по член 42 став 3 и 4 од Закон за возила, а за правното лице поднесени се барања за поведување на прекршочна постапка.
Глобата за техничка исправност на возила изнесува (согласно член 42 од Закон за возила за техничка исправност).
– Чл. 42 став 3 Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на возач што спротивно на одредбите од ставот (1) на овој член во сообраќај на патиштата, вози возило што не ги исполнува пропишаните барања во поглед на: уредот за поврзување на влечното и приклучното возило, – системот за управување, – системот за кочење и пневматиците.
– Чл. 4 став 4 Глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на возач што во сообраќајот на патиштата вози возило што нема пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема, или доколку тие не се исправни.
– Чл. 42 став 5 Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице што во сообраќајот на патиштата употребува возило што не ги исполнува барањата од ставот (1) на овој член.
– Член 42 став 6 Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице кај одговорното лице кај правното лице за сторен прекршок од ставот (5).
Патник од Драчево вели дека повеќе од половина час чекал автобус со број 31, а кога пристигнал автобусот го чекало непријатно изненадување.
– Возачот дојде нервозен, ми вели, дечко, автобусот ми е во дефект, не мора да плаќаш, ама одам право во гаража, може да те симнам кај ти одговара, па ќе си фатиш друг автобус. Ова постојано ни се случува, нема мајстори, нема делови, нема доволно возачи, нѐ полудеа – раскажува нашиот соговорник.
Но, сагата со која се соочуваат вработените во ЈСП Скопје не завршува тука. Нашите соговорници велат дека подолго време речиси секој ден се исклучуваат 30 до 35 линии (возила кои не возат според временскиот период). Како причина за тоа го наведуваат недостигот на исправни автобуси и немањето возачи.
– Доколку треба да возиме од точка А до точка Б за одреден временски период, принудени сме од диспечерскиот центар да „летаме“ за да го намалиме доцнењето, а што е речиси невозможно. Некогаш за да избегнеме казна од плата, мораме на некои линии да ги замолиме патниците да ги напуштат автобусите, не ги возиме до крајната станица и така да ја намалиме разликата во доцнењето. Во целост го разбирам гневот на патниците, но притисокот кај нас е навистина голем и гледаме колку можеме да најдеме баланс во целата работа – додава еден од возачите.
Незадоволните си заминуваат – недостигаат возачи, електричари, автомеханичари…
Плусинфо неколку пати пишуваше дека од ЈСП Скопје ќе си заминат околу 130 возачи, дел од нив веќе положија „КОД95“ со кој ќе можат да возат во Европа, бидејќи имаат потпишано договори со германска компанија и ќе возат автобуси во Мајнц.
Но не си одат само возачите, туку си заминуваат и електричарите, автомаханичарите, лимарите…
– Нема мајстори, кој е на боледување, кој менува фирма… Порано, по 22 часот имаше еден автомеханичар (дефектолог) и еден електричар. Сега на работа е само дефектологот и истиот тој треба да отстранува ситни дефекти. Колку може сам тој да постигне со толку автобуси? Нема електричар, значи нема кој сијалица да ти смени и нешто да поправи. Сѐ тоа се потпишува за технички исправно, а колку е исправно само ние знаеме – ни рече еден од возачите со кои разговаравме.
Платите постојано доцнат, а банките им висат над глава на вработените
Дека финансиската состојба во ЈСП Скопје е катастрофална бевме сведоци минатата година кога за прв пат во историјата главниот град на Македонија беше оставен без јавен првоз. Тогаш вработените ги паркираа автобусите бидејќи им доцнеше октомвриската плата. Тогаш проблемот се реши откако Советот на Град Скопје донесе одлука да се пренаменат 2 милиони евра од Буџетот на сметката на јавното претпријатие. Но, платите и натаму доцнат и не се исплаќаат како во минатото, коментираат нашите извори, а вработените се жалат имаат проблеми со банките каде што имаат земено кредити.
– Минатиот месец платата ја зедовме на 17 декември, а задршките за кредити или било какви одбитоци беа префрлени на 30 ноември. Камати казнени колку сакаш, а ова почесто се случува. Колегите почнаа да се жалат, им се јавувале од банките да не преминат во казните во декември, па некои оделе самите си уплаќале на шалтер. Од синдикатите ни велат дека постојано реагираат кај раководството и добивале ветување дека „нема да се повтори“, и пак истото се случува постојано. Работниците се незадоволни од синдикатите и нивната работа, но тешко се доаѓа од исписница доколку сакаш да го промениш синдикатот – додава друг возач.
Проблемот со гумите не е од вчера
Хаосот во Јавното сообраќајно претпријатие никако да стивне, а Плусинфо лани во ноември пишуваше токму за недостигот на гуми во ова јавно претпријатие.
Нашите извори во ЈСП Скопје тогаш нѐ информираа дека стравуваат за својата безбедност, но и за безбедноста на патниците, бидејќи автобусите по скопските улици ги возат со распукани гуми.
Плусинфо разговараше со неколку вработени во ЈСП Скопје кои ни рекоа дека поради проблеми со гумите, намален е бројот на автобуси кои циркулираат низ градот, затоа што оние кои не можат да се сервисираат се оставени на трупци и чекаат да добијат нови гуми за да може повторно да бидат пуштени во сообраќај.
Последните тендери на ЈСП Скопје за набавка на гуми
ЈСП Скопје на 19 октомври годинава има распишано тендер за набавка на автобуски гуми, а согласно тендерската документација, техничката спецификација и прифатената понуда на 27 ноември е донесена одлука да се склучи договор со Друштвото за производство, трговија и услуги ТДА ТРЕЈД ДООЕЛ – Скопје.
Договорот меѓу двете страни е потпишан на 11 декември во висина од 21.238.230 денари со вклучен ДДВ или 345.337 евра со времетраење од една година.
Вкупната количина изнесува 710 гуми, а единечната цена на гума изнесува 25.350 денари без вклучен ДДВ.
Инаку Јавното сообраќајно претпријатие лани на 22 јули имaше распишано тендер за набавка на автобуски гуми, а согласно тендерската документација, техничката спецификација и прифатената понуда на 1 септември истата година беше донесена одлука да се склучи договор со Друштвото за услуги и трговија на големо и мало Турбомакс ДОО експорт-импорт Скопје. Договорот меѓу двете страни е потпишан на 10 октомври лани во висина од 21.220.884 денари или 345.055 евра со времетраење од една година.
ЈСП Скопје на 2 февруари минатата година има склучено договор со Трговското друштво за производство, промет и услуги Мотоцентар ДОО експорт-импорт Скопје за набавка на гуми во висина од 5.313.540 денари или 86.399 евра. Во 2021 година претпријатието нема извршено набавка на ниту една гума, а пак во 2020 во април е склучен договор со Друштвото за производство, трговија и услуги ТДА ТРЕЈД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје за купување гуми за што биле платени 9.114.320 денари или 148.200 евра, а еден месец подоцна е склучен нов договор за набавка на гуми овој пат со Трговското друштво за производство, промет и услуги Мотоцентар ДОО експорт-импорт Скопје за кој ЈСП платило 9.589.860 денари или 155.933 евра.
Директорот на ЈСП е контрадикторен
Директорот на ЈСП „Скопје“ Крсте Петревски на деветтата вонредна седница одржана на 14 октомври пред советниците повторно ги образложи трошоците што ги има јавното претпријатие, пред гласањето за негово субвенционирање со 110 милиони денари.
– Најмногу пари одат на нафта – 480 милиони денари до крајот на годината, за антифриз, масло одат 16 милиони, за електрична енергија 20-22 милиони денари, за парно – 130.000 денари, за метан – 110 милиони денари, за мобилни и интернет речиси 2 милиони денари, има и трошоци за резервни делови, ХТЗ опрема, алат, автогуми, повремени услуги на Агенцијата за вработување – 71 милиони. Дополнително, дека годишно ЈСП плаќа 110 милиони за новите автобуси МАН, како и два други кредита од британскиот и јапонскиот клуб – рече Петревски.
Тој уште еднаш ги замоли сите советници да ги изгласаат потребните субвенции, бидејќи, како што кажа, се работи за платите на вработените, а со тоа ќе биде доведен во знак прашање и јавниот сообраќај.
– Мора да помогнеме за јавниот превоз да се одржи во кондиција. Доколку не ја донесеме одлуката ќе предизвикаме застој во јавниот превоз. Чесните вработени во претпријатието ќе останат без плата – рече Петревски.
Скопјани кои речиси секојдневно користат јавен градски превоз, реагираат дека мрзнат по станиците чекајќи автобус, особено кога е сообраќајниот шпиц, но и дека не се почитува возниот ред, од ЈСП „Скопје“ тврдат дека на ниту една линија не се чека автобус по еден час.
„Јавниот превоз се реализира според утврдениот возен ред актуелен за овој период од годината (зимски возен ред). Се регистрираат доцнења во разумен интервал кои се должат на фактори што не се поврзани со работата на ЈСП како што се пренасочен сообраќај со времен режим од страна на СВР поради градежни работи, сообраќајна незгода на редовна траса, застој во светлосна сигнализација, кои влијаат врз забавување не само на одвивањето на јавниот превоз, туку на целокупниот сообраќај. Сите линии се опслужуваат според утврдениот возен ред, нема детектиран проблем од каков било тип, располагаме со доволен број возачи и возила за реализација на јавниот превоз“, тврдат од јавниот градски превозник.
Според одговорите кои од ЈСП Скопје ги испраќаат до медиумите, сѐ функционира во најдобар ред, па излегува дека реакциите на граѓаните се неоправдани.
ЈСП Скопје ги демантира проблемите
Од ЈСП Скопје и покрај проблемите кои ги споменавме, незадоволство на граѓаните за нивните услуги, според нивните одговори може да се заклучи дека претпријатијето нема потешкотии во работењето. Па така од ЈСП велат дека немаат недостиг од делови. Кога станува збор за тоа дека неисправни возила се пуштаат во сообраќај од ЈСП ни одговорија дека секое возило пред да се вклучи во сообраќај е подложено на комплетен преглед, по што со заверен документ за исправноста на возилото, издаден од соодветната служба (сервис), се вклучува на линија.
Сите возила на ЈСП Скопје кои се вклучуваат во сообраќај се исправни и безбедни.
„Инаку, покрај тековните технички прегледи, на сите возила на секои изминати 12.000 км или во просек на секои 2 месеци (во зависност од линијата на која сообраќа возило и од типот на возилото) им се врши комплетен преглед, притоа, се врши темелна проверка/сервис на целото возило (мотор, механика, електрика, браварија, инсталација итн.) Во изминатиов месец дваесетина возила беа на вонреден технички преглед единствено на едно возило биле констатирани неправилности, чиј записник е обжален“, ни одговорија од сообраќајното претпријатие.
Според одговорот од ЈСП, вработените својата плата ја земаат во законскиот рок, годинава доцнела неколку дена само јулската плата. Од претпријатието велат дека апсолутно е неточно дека недостасуваат од 30 до 35 линии (временски интервали) што е потврдено од системот за сообраќај со кој секојдневно се следи движењето.
„Јавниот превоз се реализира согласно утврдениот возен ред актуелен за овој период од годината (зимски возен ред). Се регистрираат доцнења, но во разумни интервали, кои се должат на фактори (пренасочен сообраќај поради согласности на времени режими издадени од СВР за градежни работи, сообраќајни незгоди на редовната траса, исклучена светлосна сигнализација за поминување на делегации и слично) кои влијаат на застој/забавување не само на одвивањето на јавниот превоз, туку на целокупниот сообраќај“, ни одговорија од ЈСП.
На нашето прашање зошто возачите се принудени да го исправат возниот ред, возат под закани од диспечерскиот центар, се казнуваат, не ги возат патниците до крајните станици, од ЈСП ни одговорија:
,,Станува збор за сериозна дезинформација/шпекулација. Во ЈСП Скопје владее нормална работна атмосфера“.