„ИЧ ДА НЕ ПОЧНУВАМЕ ПРЕГОВОРИ АКО НЕ ДАДЕТЕ 78% ПОКАЧУВАЊЕ!“ Вработените во правосудните органи ѝ пресудија на Владата да одлучи за 10 дена

Револтот кај вработените во јавните обвинителства и во судската администрација се јави откако Уставниот суд донесе одлука за покачување на платата на функционерите за 78%, а ним им се скратија додатоците на плата кои изнесуваа 35%.

868

Синдикатите во правосудните институции заедно со синдикатот на УПОЗ очекуваат да се донесе прифатливо решение за зголемувањето на платите и додатоците, откако Владата најави дека ќе формира работна група која ќе работи на решение на проблемот кој ги извади од работните места овие административци.

Работата во која ќе членуваат 5 министри од Владата и претставници на синдикатот на УПОЗ треба да се формира за една недела, а да донесе решение за 10 дена.






– Ние ги кажавме нашите барања, а на првата средба на работната група очекуваме претставниците на Владата да го понудат својот став по што ќе преговараме. Сепак, крајната одлука за предложеното на работната група ќе ја донесат вработените во судската администрација – вели Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Тој појаснува дека барањето за зголемување на платите е надвор од веќе добиеното зголемување договорено со потпишувањето на колективниот договор за кој се преговараше годинава.

– Овие вработени ќе го добијат она што е договорено со колективниот договор, но со оглед на ниските плати и одземените пари за додатоци на плата преку овој штрајк се бара дополнително зголемување на платите само за судската администрација и за вработените во судовите и во обвинителствата – вели тој.

Деаноски е јасен дека прво барање на синдикатот на УПОЗ на средбата на работната група ќе биде одлуката да биде донесена за 10 дена.

– Познато е во нашава земја зошто се формираат работните тела и колку долго трае нивната работа. Затоа се одлучивме да го ограничиме рокот за донесување решение на 10 дена што е разумен рок. Сè друго е само можност за одолговлекување на донесување решение на проблемот, а работниците да не го добијат бараното – вели тој.

Штрајкот ќе продолжи со намалено реализирање на работните задачи до почетокот на преговорите.

Вработените во правосудните институции во земјава најавија радикализација на штрајкот со целосно запирање на работата.

– Очекуваме дека доколку не се договориме ќе ни се приклучат и колегите од судовите и колегите од правобранителството, што би значело дека целото правосудство нема да извршува никакви работни задачи – вели Деаноски.

Вработените во судската администрација кои се жалат дека земаат ниски плати и со години не примаат додатоци на плата бараат зголемување на нивните плати од 78%, како што се донесе за функционерите и 35% зголемување на додатоците на плата.

– Доколку мислат дека ќе се пазариме за 5, 10 отсто покачување на плата ич да не почнуваме. Барањата ни се 78 отсто со 35 отсто додатоци – изјави вчера Изабела Илиева од синдикалната организација на јавни обвинителства.

Доколку надлежните останат глуви за нивните барања од синдикатот на судската служба се заканија со блокада на целото правосудство.

– Штрајкувачкиот одбор одлучи дека протестите ќе продолжат од понеделник со блокирање на улици бидејќи ние сè уште не сме повикани на тие преговори, продолжуваме од понеделник со протести сѐ до исполнување на нашите барања – вели Јасмина Величкова, претседателка на Независниот синдикат на Судската служба.

Револтот кај вработените во јавните обвинителства и во судската администрација се јави откако Уставниот суд донесе одлука за покачување на платата на функционерите за 78%, а ним им се скратија додатоците на плата кои изнесуваа 35%.

Поврзани содржини