СУДИИТЕ ЗИМБОВСКА И ГЕРАСИМОВСКИ ВО ТРКА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АПЕЛАЦИЈА СКОПЈЕ Македонските судови се главно неажурни, во судот во Берово нема судии

Судскиот совет ги усвои тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април – јуни 2026 година при што судовите на ниво на државата ги оцени како неажурни.

53

 

Судскиот совет денеска ги усвои извештаите на Комисијата за проверка на навременоста на пријавите и комплетноста на документацијата по објавените огласи за избор на претседател на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга, при што констатираше дека тројцата пријавени кандидати ги исполнуваат условите за учество во понатамошната постапка.






За претседател на Апелацискиот суд Скопје се пријавиле судиите Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска, а за претседател на Основниот суд Струга единствен кандидат е Танче Петревски.

По разгледувањето на доставената документација, Судскиот совет утврди дека пријавите се навремени и комплетни, по што ги усвои извештаите на надлежната комисија и одлучи постапката за избор да продолжи во следната фаза.

На денешната седница Советот го усвои и извештајот од извршената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје.

Претходно на денешната седница Судскиот совет избра претседатели на основните судови во Гостивар, Дебар и Свети Николе.

За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот в.д. претседател Мирослав Петровски, кој беше еден од двајцата кандидати со уредна и комплетна документација. Во постапката учествувал и Елејса Алији, но на седницата беше посочено дека на 13 јуни 2026 година била усвоена одлука за исполнување услови за старосна пензија. Кандидатката Драгослава Веселиновска не ја комплетирала документацијата, бидејќи не доставила акциски план за спроведување на програмата за работа.

За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски. Во постапката учествувал и Мерсим Марку, но Судскиот совет констатира дека не ги исполнува условите за избор бидејќи двапати претходно бил избран за претседател на Основниот суд Дебар.

За претседател на Основниот суд Свети Николе е избрана Валентина Буровска, која била единствен кандидат во постапката.

 

Судскиот совет ги усвои тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април – јуни 2026 година при што судовите на ниво на државата беа оценети како неажурни.

На ниво на државата судовите во вториот квартал не успеале да го совладаат приливот на нови предмети и го зголемиле заостатокот за 2.127 предмети. Судовите го почнале вториот квартал со 147.288 нерешени предмети, примиле 121.909 нови, имале вкупно во работа 269.197 предмети, од кои решиле 119.782, а на крајот од периодот останале нерешени 149.415 предмети.

На ниво на највисоките судови како неажурни се оценети Управниот и Вишиот управен суд. Вишиот управен суд со само 6 судии од предвидени 13 го заврши кварталот со 2.767 нерешени предмети, а Управниот суд со 26 судии и пополнетост на судската служба од 39,05 проценти завршил со 5.528 нерешени предмети.

Врховниот суд, пак, е оценет како ажурен и покрај тоа што работи со 14 судии од предвидените 28.

Во апелациското подрачје Битола ажурни се Апелацискиот суд Битола и Основниот суд Охрид, а основните судови во Битола, Крушево, Прилеп, Ресен и во Струга се оценети како неажурни.

Апелација Битола работи со само 9 судии од предвидени 25 според систематизацијата и пополнетост на судската служба од 35,19 проценти, но сепак ја задржал ажурноста, за што, според образложението, помогнало привременото упатување судии од Гостивар.

Основниот суд Битола е со преполовен судиски кадар, со 12 од предвидени 25 судии, и завршил со 7.468 нерешени предмети. Во Крушево работи само еден судија и еден привремено упатен судија, а судот кварталот го завршил со 530 нерешени предмети.

Основниот суд Охрид, иако работи со 7 од предвидени 18 судии и двајца делегирани судии, е оценет како ажурен. Од друга страна, Основниот суд Прилеп, со 8 судии и тројца делегирани судии, останал со 9.149 нерешени предмети, а Основниот суд Струга со само 4 судии и тројца делегирани завршил со заостаток од 9.115 предмети.

Во апелациското подрачје Штип како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица, а неажурни се Берово, Кочани, Радовиш и Штип. Неажурен е и самиот Апелациски суд Штип, кој работи со 10 судии од предвидени 16 и го завршил кварталот со 2.106 нерешени предмети.

Особено лоша состојба беше посочена за Основниот суд Берово за кој на седницата беше наведено дека практично не функционира поради недостиг на судии и друг стручен кадар.

Основниот суд Кочани го завршил кварталот со 3.179 нерешени предмети, а Радовиш со значителен недостиг на кадар и пополнетост на службата од 31,82 процент.

Во гостиварското апелациско подрачје ажурен е само Основниот суд Гостивар, а основните судови во Дебар, Кичево и Тетово, како и Апелацискиот суд Гостивар, се оценети како неажурни.

Апелацискиот суд Гостивар работи со 10 судии од систематизирани 16 и кварталот го завршил со 850 нерешени предмети.

Основниот суд Гостивар е еден од ретките што успеал да го совлада приливот на предмети. Од вкупно 12.523 предмети во работа, решил 6.394 и го намалил заостатокот на 6.129 предмети.

Основниот суд Тетово имал најголем обем на работа во ова подрачје, со над 21.000 предмети во работа, но и покрај тоа, останал со 8.346 нерешени предмети.

Во најголемото апелациско подрачје, Скопје, ажурни се Апелацискиот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, како и основните судови во Велес и Кратово.

Апелацискиот суд Скопје, и покрај тоа што има пополнетост на судската служба од само 21 процент, е оценет како ажурен и кварталот го завршил со 7.488 нерешени предмети.

Неажурен е Основниот граѓански суд Скопје, кој има најголем заостаток во државата од 24.298 нерешени предмети. Судот работи со 56 судии од предвидени 77.

Основниот кривичен суд Скопје е оценет како ажурен и во вториот квартал решил 22.962 предмети од вкупно 43.572 во работа.

Како неажурни се оценети и основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово и во Неготино, а ажурни остануваат Велес и Кратово.

Од дискусијата на седницата произлезе дека речиси сите судови се соочуваат со недостиг од судии и особено со недоволен број судски службеници поради што Судскиот совет оцени дека кадровската екипираност останува еден од најголемите предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.

Поврзани содржини