НЕ СУМ ГРАДСКИ АДМИНИСТРАТИВЕЦ ЗА ДА ЈА ЗНАМ ФИНАНСИСКАТА СОСТОЈБА НА ГРАДОТ Славевски чека одговор од Арсовска дали се пред банкрот
Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески вчера упатил барање до градоначалничката Данела Арсовска да достави информација за финансиската состојба на Градот, откако советници од СДСМ побараа вонредна седница на Советот.
– Ниту јас како претседател, ниту Советот на Градот немаме увид во финансиското работење на Град Скопје бидејќи ние не работиме во градската администрација. Податоците за финансиското работење ги имаат одговорните за реализирање на буџетот и градоначалничката, па оттука и не можам без претходна информација од градоначалничката да свикам каква било седница, па и вонредна. Вчера по укажувањето на советниците на СДСМ испратив барање до градоначалничката да подготви информација која ќе ја ставам на вонредна седница – вели Славевски за Плусинфо.
Славевски вели дека досега градоначалничката не побарала одржување вонредна седница на Советот за да се расправа за актуелната финансиска состојба во Градот.
Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје побара денеска да се одржи вонредна седница на Советот бидејќи, како што рече, финансиската состојба е алармантна, буџетската сметка е блокирана, а на Скопје за првпат во историјата му се заканува банкрот.
– Поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска денес Скопје е нефункционален град со нефункционални и задолжени јавни претпријатија и установи – рече таа и додаде дека стотици милиони евра народни пари се потрошија за една и пол година а не е реализиран ниту еден капитален проект од програмата.
Не останаа покусо ни од ВМРО-ДПМНЕ од каде ѝ возвратија на Јанчева дека како советник ги гласала финансиските програми на Арсовска, и дека без неа и нејзините колеги од СДСМ Арсовска немало да може да ги оствари „своите намери за криминални тендери“.
„Кога Јанчева ќе зборува за банкрот, нека се потсети дека нивниот директор на ЈСП потпиша 20 милионски тендер за набавка на гориво без рабат. Очигледно е дека соработката меѓу Арсовска, СДС и ДУИ е блиска и силна, па така сѐ што имаат можат меѓусебно да се информираат, наместо да ја замајуваат јавноста со своите криминали. А за сѐ ова одговорност ќе има, како од Арсовска така и од СДС“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Пред една недела од Градот испратија соопштение во кое наведоа дека нивната сметка не е блокирана, ниту пак е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата, но дека Градот има стари долгови.
„За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов. Ваквиот начин на работа на овие политичари, и нивните политички опции не само што го загрозува работењето на градот, како во случајов, туку 33 години ја става државата во должничко ропство. Повеќе од три децении граѓаните на Р. Македонија отплаќаат долгови кои ги генерира секоја владејачка гарнитура, полнејќи ги сопствените приватни џебови со пари кој денес ги враќаат граѓаните. Градот Скопје во последната година успеа да го врати својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последниве 15 години, за што предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите“, одговорија од Градот пред една недела.