НЕ СЕ ИСТОПОЛОВИ СЕМЕЈСТВА ТУКУ ТАТКО СО СИНОВИ И МАЈКА СО ЌЕРКА! Училиштето ја реши мистеријата со збунувачките наставни листови
Станува збор за злонамерна, избрзана и извртена перцепција на целата ситуација, онака како што некој сакал да ја гледа и толкува – се вели во одговорот од ОУ „Св. Кирил и Методиј“. За секој случај, родителите што го објавиле постот уредно се извиниле на училиштето и „по убав и темелен разговор“ го избришале од социјалните мрежи.
Основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, чии наставни листови за темата „Семејство“ крена прашина во јавноста и на социјалните мрежи, зашто беа протолкувани како алузија на истополови семејства, се јави со објаснување. Училиштето тврди дека „станува збор за злонамерна, избрзана и извртена перцепција на целата ситуација, онака како што некој сакал да ја гледа и толкува“.
Во одговор до Плусинфо, училиштето уште појаснува дека не станува збор за работни листови од МОН, туку за наставни листови и дека „на илустрацијата, според наставната содржина, е прикажано еднородителско семејство и тоа; татко и синови и мајка и ќерка“.
„Според наставната содржина децата на наставниот лист работат на рецепт за среќно семејство; мајка, татко и деца. Не станува збор за работни листови од МОН. Ова е наставен лист и учениците го работат за време на часот. Според официјалната наставна програма од МОН и Бирото за развој на образованието, предметот општество за прво одделение ја содржи методската единица „Семејство“. Истата е во корелација со содржините по предметите, македонски јазик, ликовно и музичко образование со точна дефиниција на целите на часот“ – се вели во одговорот од ОУ „Свети Кирил и Методиј“.
Во прилог на одговорот училиштето испраќа „Демант и извинување од родител кој ненамерно ја објавил грешната информација“, како и „Заклучоци од самоиницијативен состанок на родителите“ и список на присутни родители на истиот, одржан на ден 30.03.2023 година, односно денеска претпладне.
Демантот од родителот што ја објавил „грешната информација“, чиј идентитет е соопштен, но ние ќе го објавиме само со иницијали, И.Т., сам по себе е многу интересен и говори можеби и повеќе од објаснувањето на училиштето. Затоа ќе ви го пренесеме во целост:
„Повод за моето обраќање е целиот настан којшто излезе од контрола и би сакал да дадам изјава.
Јас, И.Т. родител на ученик од прво одделение, се извинувам за недоразбирањето што настана, во врска со задачата од наставниот материјал по општество, на тема Семејство.
Ситуацијата ненамерно и во момент на афект и неразмислување за последиците по угледот на Училиштето и наставниот кадар излезе сосема од контрола за кое искрено жалам. Се обврзувам дека во иднина прво детално ќе се консултирам, распрашам и информирам со наставничкиот кадар кој е прекрасен и кој одлично ми го воспитува детето, пред да донесам било каков заклучок.
Постот по убав и темелен разговор и без каков било притисок е тргнат во најбрз можен момент и објавена е исправка и демант но воедно и големо жалење за настанатото недоразбирање.
Уште еднаш изразувам искрено жалење ако на било каков начин сум наштетил на угледот на училиштето на нашите предобри наставнички кој се залагаат за толеранција, меѓусебно разбирање и еднакви вредности помеѓу луѓето.“ Следува име и презиме и потпис на родителот.
Но, работата во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ денеска не застанала тука. Итно бил свикан „самоиницијативен состанок на родителите од одделелението 1-2“, на кој присуствувале 19 родители и издале заедничко соопштение или изјава, која гласи:
„Ние родителите на учениците од 1-2 одделение од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се извинуваме во врска со недоразбирањето кое настана во врска со задачата од наставниот материјал по предметот општество на тема – Семејство. Истото беше објавено по социјалните мрежи, извадено од контекст и пренесена погрешна порака до јавноста за работата на наставниците и училиштето како реномирана институција. Се надеваме дека нашето извинување ќе биде прифатено и ќе дадеме допринос за маргинализирање на штетата“.
И ние се надеваме дека извинувањето ќе биде прифатено, а штетата маргинализирана. Само ни останува дилемата дали илустрацијата на наставните листови е неуспешна или навистина „станува збор за злонамерна, избрзана и извртена перцепција на целата ситуација, онака како што некој сакал да ја гледа и толкува“. Одлучете сами:
ДВАЈЦА ТАТКОВЦИ И ДЕТЕ – РЕЦЕПТ ЗА СРЕЌА!? Какви работни листови добиваат првоодделенци