НАПАДОТ НЕ Е ОД ОМРАЗА, СЛУЧАЈОТ Е ИСПОЛИТИЗИРАН! Адвокатот на Спасески вели дека Пендиков е натепан од други мотиви
Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа? Тој е воспитан во дух секого да сака и најмалку да мрази кого било – рече адвокатот Цобоски.
Не е точно дека Спасески го нападнал Пендиков по национална основа, тоа е исполитизирана работа – изјави адвокатот Димитрија Цобоски, бранител на Илија Спасески, обвинет за физички напад врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ по денешното прво рочиште.
– Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа? Тој е воспитан во дух секого да сака и најмалку да мрази кого било. Сега размислете дали може да биде напад од омраза или пак на овој случај му се дава еден политички акцент, призвук, кој се исполитизира до страшни граници, што е особено штетно за целата постапка. Ова е чисто политичка работа – рече адвокатот Цобоски.
Според него, за одбраната не е неопходно на судењето да присуствува самиот Пендиков, кој по нападот беше евакуиран од страна на официјална Софија.
– Неспорно е дека има повреда, но тој може да патува и да присусутвува на судењето – рече Цобоски.
Адвокатот го коментираше и гостувањето на Пендиков во БТВ:
– Неспорно е дека тој не знае кој го удрил отпозади, тој не знае кој го шутирал, вели дека бил тепан 10 минути – изјави адвокатот.
На прашање што бил мотив за тепачката тој рече дека мотивите за кои се товари треба да ги докаже обвинителот.
– Ќе видиме, тоа треба да го докаже обвинителот. Ние имаме објаснување зошто била тепачката и во текот на постапката ќе го кажеме – рече адвокатот.
Рочиштето за претепувањето на Пендиков се одложи по 20 минути од почетокот, по барање на адвокатите на обвинетиот Спасески да им бидат доставени сите докази со кои Обвинителството ќе докажува вина пред судот. За нив е важно да ги имаат аудио и видеозаписите со кои располага обвинителот, по што обвинетиот Спасески ќе може да се произнесе за вина. Со ова се согласи и судијата Бојан Мартиноски и го закажа следното рочиште за 5 април.