ОСМАНИ ЌЕ ВРАЧИ НОТА, ФАЈОН ПОДДРЖУВА Министерот Османи смета дека видеото на Џамбаски ги надмина сите граници
Османи ме извести за овој немил настан, се надевам МНР ќе упати дипломатска нота. Станува збор за навреда на граѓаните на Република Северна Македонија – изјави словенечката вицепремиерка Тања Фајон на заедничката прес конференција со Османи во Скопје.
Министерот Османи ме извести дека ќе упати дипломатска нота за овој немил настан и јас би постапила така во слична ситуација – изјави Тања Фајон, заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Словенија на заедничката прес конференција денеска во Скопје, на новинарско прашање да го коментира видеото полно со говор на омраза и навреди кон Македонија и Македонците од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, објавено вчера.
– Османи ме извести за овој немил настан, се надевам МНР ќе упати дипломатска нота. Станува збор за навреда на граѓаните на Република Северна Македонија. Јас бев сведок и ги осудував неговите активности, изјави и провокации во период кога државите обезбедуваа позитивна средина во вакви услови. Ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни изјави и коментари кои внесуваат раздор, немир и конфликти меѓу населението. Секоја провокативна, навредлива изјава бара реакција, министерот ја кажа реакцијата со вербална нота, јас тоа го поддржувам и во слична ситуација и јас би реагирала така – рече Фајон.
Министерот Османи рече дека денеска ќе реагираат со вербална нота за изјавата на Џамбаски како говор на омраза, кој, како што рече, што според сите меѓународни и билатерални договори е основа за да се реагира.
– Целта е себепромоција и овој пат ги надмина сите граници и тоа сигурно нема да го премолчиме – рече Османи за изјавата на Џамбаски.
Во видео обраќање, пред карта на голема Бугарија, со делови на Албанија, Србија и цела Македонија во неа, европратеникот Џамбаски изрече куп навреди кон премиерот Димитар Ковачевски, но и кон македонскиот народ и држава. Според него, Ковачевски бил „машка секретарка“ на средбите на бившите премиери Бојко Борисов и Зоран Заев., а „македонизмот е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка иделогија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски“.