ВЛАСТА И МНОЗИНСТВОТО СЕ СТАБИЛНИ Владата не ги коментира случувањата во ДУИ
Во врска со состојбите во ДУИ, од Владата посочуваат дека станува збор за внатрепартиски работи, коишто Владата нема да ги коментира.
Владината коалиција е стабилна. Нема опасност од губење на мнозинството во Парламентот, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања дали има опасност од губење на мнозинството во Собранието откако неколку пратеници на ДУИ се потпишаа во писмото во кое бараат смена на вицепремиерот Артан Груби.
Од Владата за МИА велат дека парламентарното мнозинство е стабилно и оти Владата е целосно фокусирана на менаџирање на економската и енергетска криза, како и на скрининг процесот како дел од преговорите со Европската Унија што е во тек.
Во врска со состојбите во ДУИ, од Владата посочуваат дека станува збор за внатрепартиски работи, коишто Владата нема да ги коментира.
Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу, во отворено писмо пред неколку дена побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаа лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинија Артан Груби. Потоа во јавноста се појавија информации за смена на министерот Бујар Османи, но тој вчера го демантираше тоа потенцирајќи дека станува збор за лажна вест.