ЛОС АНЏЕЛЕС Жители на населба жестоко протестираат против снимањето на „Брзи и бесни“
Учесниците на протестот тврдат дека нивните улици од снимањето на претходните филмови трпат епидемија на незаконски градски трки.
Населбата во Лос Анџелес, која своевремено служеше како кулиса за филмовите „Брзи и бесни“ (Fast and Furious) беше центар на протести во петокот против снимањето на новиот дел од автомобилистичката сага, со објаснување на учесниците кои тврдат дека нивните улици оттогаш трпат епидемија на незаконски градски трки.
Жителите изразуваат гнев пред снимањето планирано да започне овој викенд во Анџелино Хајтс, историска населба во близина на центарот на Лос Анџелес. Во сагата „Брзи и бесни“ станува збор за фиктивното место на живеење на Доминик Торето, кој го игра американскиот актер Вин Дизел.
Учесниците на протестот велат дека станува збор за нелегални трки на кои вообичаено ноќе се собираат многу заинтересирани за да видат возачи на автомобили како се тркаат со голема брзина низ улиците на градот.
За Дамијан Кевит, локален жител и основач на здружението SAFE, кој остро се спротивставува на оваа практика, „Брзи и бесни“ придонела за „популарноста на таа незаконска активност“ со тоа што населбата ја претворила во „туристичка дестинација за нелегални улични трки“.
„Во петок, сабота и недела навечер, три, четири, пет или повеќе автомобили пристигнуваат овде и вршат секакви маневри со своите автомобили, неподносливо шкрипејќи со гумите“, вели Кевит, додавајќи дека „немаше улични трки во соседството пред „Брзи и бесни” да бидат снимени таму.
Друга жителка на населбата, која се претставува како Бела, вели дека нејзините деца се трауматизирани од бучавата од автомобилите пред нивната куќа, која редовно ги буди среде ноќ. Таа вели и дека децата се плашат да излезат надвор да си играат, бидејќи неколку пати го виделе моментот кога автомобилите се измолкнуваат од контролата на возачот и за влакно избегнуваат да удрат во пешаци.
Бела смета дека студиото „Универзал“ треба да ја премести локацијата за снимање, а SAFE го повикува градот да стави лути полицајци во соседството и да воспостави нулта толеранција за улични трки. Првиот филм од сагата „Брзи и бесни“ беше премиерно прикажан во 2001 година. Филмот прерасна во серија со најголема заработка во историјата, со дури 6,6 милијарди долари за 10 филмови.