Предлогот кој што ние го нудиме е еден милион денари по член на семејство на загинат бранител од 2001 година, кој е необештетен или вкупно по околу 50 илјади евра. Воедно, нудиме една формула за обештетување на воените инвалиди по 50 илјади евра за сто процентен воен инвалид и сразмерно на тоа, 5 илјади евра за 10 процентен воен инвалид, побара денеска политичката партија Достоинство преку Предлог закон за измена и дополнување на Законот за бранители.
Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов рече дека во државата има петнаесетина семејства на загинати бранители кои досега се необештетени, односно околу 30 полесно ранети воени инвалиди.
– Со оваа измена и дополнување на Законот ќе се обидеме да ја исправиме неправдата која до ден денес ја трпат дел од семејствата на загинатите бранители и дел од воените инвалиди, ранети или повредени во 2001 година. Ги повикуваме сите семејства на загинатите бранители од 2001 година и потоа да се јават до Достоинство, за да ги ажурираме податоците и сите да бидат опфатени во измената која се надеваме дека оваа недела ќе влезе во собраниска процедура – додаде Ангелов.
Во врска со оваа иницијатива за измени и дополнување на Законот за бранители, Ангелов посочи дека пред неколку месеци оствариле средба и со премиерот Димитар Ковачевски кој, како што рече, позитивно гледа на оваа иницијатива и ги упатил во собраниска процедура кај координаторот на пратеничката група на СДСМ. Воедно, како што додаде, има позитивна волја и разбирање и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.