По повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија, францускиот сенатор Роберт Бадинтер доби признание од земјава. Признанието му го врачи шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, го посетија во неговиот дом во Париз.
„Ми беше особена чест и задоволство да го посетам сенаторот Роберт Бадинтер, во неговиот дом во Париз и да му го врачам признанието по повод 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија. Сенаторот Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Северна Македонија, и тоа во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата, тогаш во улогата на претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата“, напиша на фејсбук министерот Османи.