ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ЦИГАРИТЕ ЌЕ БИДАТ НЕЛЕГАЛНИ Нов Зеланд подготвува екстремен закон за забрана на тутунот
децата помлади од 14 години, во моментот кога законот ќе биде изгласан, никогаш нема да бидат во состојба да купат цигари.
Нов Зеланд планира на идните генерации да им го забрани легалното купување тутун. Согласно предложениот нов закон, законската граница од 18 години за купување тутун постепено ќе се зголемува, изјави денеска помошничката министерка за здравство, Ајеша Верал на прес-конференција.
Тоа значи дека децата помлади од 14 години, во моментот кога законот ќе биде изгласан, никогаш нема да бидат во состојба да купат цигари.
„Кога законот ќе стапи на сила, 14-годишниците никогаш нема да можат легално да купуваат тутун. Сакаме да се погрижиме младите никогаш да не почнат да пушат, така што продажбата или купувањето тутун за пушење на нови групи млади луѓе ќе ја направиме прекршок“, рече таа.
Владата планира да го претстави предлог-законот во Парламентот во 2022 година, како дел од кампањата за намалување на инциденцата на пушење во заедницата на помалку од 5 проценти до 2025 година.
Според владините бројки, 13,4 отсто од возрасната популација на Нов Зеланд е класифицирана како пушач. Тоа е помалку од 18,2 отсто во 2011/12 година. Сепак, меѓу 4.000 и 5.000 луѓе умираат секоја година од болести поврзани со пушењето, според Министерството за здравство.
„Пушењето се уште е водечка смрт што може да се спречи во Нов Зеланд и предизвикува еден од четири видови на рак“, рече Верал.
Штетата поврзана со пушењето е особено распространета меѓу Маорите и во средините со ниски приходи. Според Министерството, околу 32 отсто од жените Маори пушат, што е највисока стапка во земјата. Што се однесува до мажите Маори, 25 отсто од нив се пушачи.
Со предложениот закон, Владата ќе им даде приоритет на „практични мерки за поддршка“ на пушачите за да им помогне да престанат да консумираат тутун.
Ова го вклучува предлогот дека може да се произведуваат, увезуваат и продаваат само производи со многу ниско ниво на никотин и построги ограничувања за рекламирањето на тутунот. Значително ќе се намали и бројот на продавници што ќе можат да продаваат тутунски производи.
Новиот закон не го опфаќа вапингот што се уште е популарен меѓу младите во Нов Зеланд. Ноемврискиот извештај на Новозеландската асоцијација за астма и респираторниот систем покажа дека речиси 20 отсто од учениците користат вапи секој ден, а 57 од нив веруваат дека тоа има негативен ефект врз нивното здравје.