НИКОТИН, ЧАД ОД ЦИГАРИ ИЛИ АЕРОСОЛ Што вели науката за изложеноста на овие материи?

Најдобриот избор останува целосното откажување од тутунот и никотинот, а непушачите не треба да започнат со употреба на никотински производи.

0

Во јавната дебата, никотинот, чадот и аеросолот често се поистоветуваат, иако научно и медицински означуваат различни појави.

Кај цигарите, тутунот согорува на високи температури и создава чад со бројни хемиски соединенија. Електронските цигари загреваат течност и создаваат аеросол, а никотинските ќесички не создаваат ниту чад ниту аеросол. Ниту еден никотински производ не е без ризик, но разликите во начинот на функционирање се важни за разбирање на емисиите и изложеноста на потенцијално штетни материи. Затоа ризикот не се проценува според еден изолиран податок, туку според целата слика: што се создава при употребата, на кои материи е изложен човекот и во која количина.






На една од најраспространетите заблуди укажува и шведскиот лекар и професор по интерна медицина и ендокринологија Фредрик Нистрем од Универзитетот Линшепинг, според кого „најголемото недоразбирање е во тоа што луѓето не прават разлика меѓу никотинот и пушењето“.

Разликата е суштинска. При палењето на цигарата, тутунот согорува и покрај никотинот, создава чад со голем број токсични и канцерогени материи. Токму продуктите на согорувањето се поврзуваат со најголемиот дел од сериозните заболувања предизвикани од пушењето. Професорот Нистрем вели: „знаеме дека вдишувањето чад е штетно. Проблемот не се сведува само на никотинот“.

Тоа не значи дека никотинот е безопасен. Тој создава зависност и има физиолошки ефекти врз организмот. Но процената на ризикот е нецелосна ако сите производи што содржат никотин автоматски се стават во иста категорија. Потребно е да се земат предвид присуството или отсуството на согорување, составот на емисиите и другите супстанции што настануваат при употребата на конкретниот производ.

Овие разлики се основа за кредибилна и одговорна комуникација. Диференцијацијата не значи дека некој производ е безбеден, ниту претставува промоција на никотинот; таа го признава научниот факт дека производите со и без согорување имаат различен профил на ризик. Таквата прецизност е неопходна за одговорна комуникација за јавното здравје.

Заштитата на младите – заедничка одговорност

Научно заснованото информирање е само еден дел од одговорниот пристап. Другиот, подеднакво важен, е превенцијата. Кога станува збор за младите, нема простор за двосмислени пораки: никотинските производи не се наменети за нив, а спречувањето на пристапот мора да започне пред производот да стигне во нивни раце. Тоа бара навремена едукација, одговорна комуникација и правила што доследно се применуваат.

Особено кај електронските цигари, превенцијата мора да се темели на научно потврдени сознанија за составот на аеросолот, начинот на употреба и можните здравствени ризици. Аеросолот се разликува од чадот од цигарите по начинот на создавање и по составот, но не е без ризик и може да содржи супстанции со потенцијално влијание врз здравјето. Затоа младите треба навреме да добијат јасни и разбирливи информации што ќе им помогнат критички да ги проценуваат пораките, да препознаваат поедноставени или неточни тврдења и да донесуваат одлуки засновани на знаење, а не на погрешни претпоставки.

Посебен проблем е сè поголемата достапност на нелегални вејпови, кои ги купуваат полнолетни корисници, но лесно стигнуваат и до младите. Нивното потекло и состав често се непознати, производите не поминуваат низ пропишаните стандарди и контроли, а продажбата неретко се одвива преку нерегистрирани продавачи, социјални мрежи и други канали што тешко се контролираат. Нелегалната трговија не е само регулаторен и економски проблем, туку директно ја поткопува заштитата на потрошувачите и мерките за ограничување на пристапот до никотински производи. Затоа се потребни засилен надзор на пазарот и увозот, контрола на онлајн-продажбата, доследно санкционирање на нелегалните продавачи и јасно разграничување меѓу законски регулираните производи, кои подлежат на утврдени правила и проверки, и производите од нелегалната понуда. Ефикасното справување со оваа појава бара координирано дејствување на надлежните институции, трговците, дигиталните платформи и индустријата, како и информирање на јавноста за ризиците од купување производи со сомнително потекло и непознат состав.

Ефикасната превенција не е задача на само една институција или еден сектор. Таа е заедничка обврска на семејството, училиштето, здравствените и образовните институции, трговците, индустријата и дигиталните платформи. Проверката на возраста во продажните места, сигурната потврда при онлајн-нарачката и доставата, одговорното постапување и редовната контрола мора да функционираат како поврзан систем. Само така забраната станува реална заштита, а превенцијата заеднички стандард што не остава простор за пропусти.

Најдобриот избор останува целосното откажување од тутунот и никотинот, а непушачите не треба да започнат со употреба на овие производи. Зад оваа препорака не стојат само податоци за ризици и заболувања, туку и поширока цел – подобро здравје и поквалитетен живот. За луѓето, здравјето се мери и во можноста полесно да ги извршуваат секојдневните обврски, да бидат поактивни и да учествуваат во она што им е важно.

За полнолетните пушачи кои инаку би продолжиле да пушат, научно потврдените сознанија се важни за донесување одговорни одлуки. Затоа јавната комуникација не смее ниту да го минимизира ризикот ниту да ги занемарува утврдените разлики. На крајот, разговорот за пушењето треба да започне и да заврши со човекот и неговиот квалитет на живот – со можноста да се движи, да биде активен и да го живее секојдневието без здравјето да му биде ограничување.

 

Поврзани содржини