ЈОВАН ДЕСПОТОВСКИ ПОДНЕСЕ КАНДИДАТУРА ЗА ЛИДЕР НА СДСМ Целта ми е да обезбедам повисок квалитет на живот
Деспотовски е член на СДСМ веќе 25 години и како што истакна, може да понуди нов концепт околу кој ќе се обедини не само партијата, туку и општеството.
Кандидатура за нов лидер на СДСМ денеска поднесе и актуелниот директор на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Тој ја достави својата програма насловена „Концепт 28“ во која, според Деспотовски, фокусот е врз луѓето, а основната цел е обезбедување повисок квалитет на живот.
„Нудиме концепт во политиката што нема да поаѓа од ’кој‘, туку од ’како‘ и ’каков човек/луѓе‘ ни се потребни. Концепт што, преку конкретни и мерливи резултати, ќе ја зацврсти СДСМ како водечка политичка организација во Северна Македонија и по следните парламентарни избори. Концепт што ќе обезбеди континутет и квалитет во спроведување на современите вредности и прогресивните политики до 2028 година“, се вели во програмата на Деспотовски којашто е доставена.
Деспотовски е член на СДСМ веќе 25 години и како што истакна, може да понуди нов концепт околу кој ќе се обедини не само партијата, туку и општеството.
Рокот за доставување кандидатури истекува денеска во 16 часот, по што утре Централната изборна комисија ќе ги анализира и ќе ги верификува оние кандидатури кое се во согласност со наведените критериуми.
Вонредниот конгрес на СДСМ ќе се одржи на 12 декември, а лидерот на СДСМ во оставка, Зоран Заев, инсистира на тоа новиот партиски претседател да биде и мандатар за состав на владата.