НЕМА ВЕЌЕ ШОПИНГ СО ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ Владата бара строга контрола, а ќе размисли и за стимулации за вакцинирање

Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и во јавната администрација, да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата.

3,127

Владата наложи ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат серификатите за вакцинација при влез во објектите во кои тие се бараат, а побара и предлози за економски стимулации и за рестрикции со цел да се поттикне вакцинацијата против ковид-19 кај вработените во јавната администрација.

Владата соопшти дека на денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледала предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на вакцинацијата против ковид-19 и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани.






„Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надокнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест ковид-19“, соопшти Владата.

Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со ковид-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од ковид-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со ковид-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.

Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и во јавната администрација, да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Поврзани содржини